Мерц предлага „придружено членство“ за Украина во ЕУ

Објавено:

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да добие статус на „придружна членка“ на Европската Унија како преоден чекор кон полноправно членство, што би можело да го олесни постигнувањето договор за завршување на војната.

Според предлогот, украинските претставници би можеле да учествуваат на самитите на ЕУ и на министерските состаноци, но без право на глас.

Мерц верува дека таков модел би можел да помогне во тековните мировни преговори и да претставува безбедносна гаранција за Украина во војната со Русија.

Германскиот канцелар, исто така, предложи политичка обврска земјите-членки да ја применат клаузулата за заемна помош кон Украина, што, како што вели тој, би придонело за безбедноста на цела Европа.

Украина во моментов е кандидат за членство во ЕУ, но европските претставници веруваат дека целосниот пристап во следните неколку години е малку веројатен поради долгиот процес на реформи и потребата од ратификација во сите 27 земји-членки.

Предлогот на Мерц предвидува можност за учество на украински претставници во работата на Европската комисија и Европскиот парламент без право на донесување одлуки.

Германскиот канцелар најави дека ќе разговара за оваа иницијатива со европските лидери.