Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе одлука во предметот „Талески и другите против Северна Македонија, кој произлезе од помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Судот оцени дека државата имала право да ги поништи помилувањата на Иванов, бидејќи тие биле донесени без законска основа во период на политичка криза. Судот во Стразбур исто така утврди дека нема повреда на правото на правично судење во делот на поништување на помилувањата и продолжување на кривичните постапки.
Предметот се однесува на постапките против Владимир Талески, Миле Јанакиески и Коста Митровски, по помилувањата дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов во април 2016 година, кои подоцна беа поништени со законски измени.
Судот смета дека поништувањето на претседателските помилувања било оправдано, но правата за фер судење биле прекршени за двајца од тројцата апликанти.
„Судот ја зеде предвид исклучителната природа на ситуацијата создадена со одлуката на тогашниот претседател да им даде помилување на јавни службеници, вклучително и високи личности од неговата политичка партија, без валидна законска основа и со кршење на владеењето на правото. Тежината на ситуацијата и на последователната политичка криза го оправдаа усвојувањето на исклучителни мерки во форма на закон насочен кон мала група лица кои инаку би имале корист од незаконски помилувања, со цел враќање на владеењето на правото“, се наведува во соопштение на судот.
Стразбур утврдил дека законодавната интервенција била оправдана врз основа на убедливи основи од општ интерес и соодветно на тоа не може да се смета дека ги прекршила принципите на правна сигурност или владеење на правото.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година донесе одлука за аболиција на 56 лица поврзани со политичката криза и истрагите што тогаш ги водеше Специјално јавно обвинителство. Одлуката опфати политичари, поранешни и актуелни функционери, како и лица поврзани со аферата со прислушувањето.
Иванов тогаш образложи дека аболицијата е донесена за да се стави крај на политичката криза, да се намалат тензиите и да се создадат услови за политички дијалог и одржување избори. Според него, институциите биле блокирани, а кризата се продлабочувала. Тој тврдеше дека одлуката е во интерес на државата и стабилноста.
Меѓутоа, одлуката предизвика силни реакции во јавноста. Опозицијата, граѓанскиот сектор и голем број меѓународни претставници оценија дека со аболицијата се попречува правдата и се штитат лица осомничени за сериозни кривични дела. Како реакција започнаа масовните протести познати како Шарена револуција.
Под силен домашен и меѓународен притисок, Иванов во мај и јуни 2016 година ја повлече најголем дел од аболицијата, а подоцна Собранието донесе законски измени со кои се овозможи целосно поништување на помилувањата. Потоа продолжија истрагите и судските постапки што ги водеше Специјалното јавно обвинителство.


