Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ на 23 јуни со протестен марш низ Скопје, од пред зградата на Собранието до Министерството за животна средина и просторно планирање, изрази незадоволството од барањето на цементарницата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола.
„Скопје на народот, не на индустријата“, „Скопје разбуди се“, „Стоп за Усје“… скандираа демонстрантите додека се движеа по предвидената рута.
Според демонстрантите фабриката бара обновување на документот според застарени стандарди, со што се загрозува квалитетот на животната средина во главниот град.
Тоа беше и една од пораките на транспарентите што ги носеа демонстрантите: „Не за нова дозвола по стари правила.

„Јавно достапната верзија на дозволата не е напишана според построгиот закон што ќе стапи на сила од 2027 година како што се тврди во медиуми. Напротив, барањето содржи помалку информации од постојната дозвола“, рече Ана Славковиќ Јаневска една од активистките.
На останатите транспаренти можеше да се прочита и: „Профит за Усје, болест за народот“, „Во Македонија 1 од 9 бебиња умира од загаден воздух“, „Немој беса да те теши зашто доктор ќе те лечи“, „Бараме мерни станици, не бараме власт“.
„Некој друг загадува, а наши бели дробови ќе чистат“
Во својот говор на протестот, Славковиќ Јаневска тврдеше дека „за само три загадувачи се препишани истите гранични вредности од старата дозвола и некои се осум пати повисоки од сегашните европски стандарди“.
„А, каде се најопасните загадувачи? Каде се тешките метали, деоксините? За овие канцерогени супстанции Усје не воведува никакви гранични вредности на кои се обидува да загадува. А, токму тие се наоѓаат во алтернативните горива за кои Титан Усје сега дрско бара одобрување за уште поголеми количини за согорување. Затоа прашуваме, каде во финалното барање што е достапно з јавноста се вметнати правилата за кои министерството тврди дека ќе важат од 2027, ако не се вметнати кога ќе бидат и зошто тоа не е направено уште сега?“, праша говорничката на протестот.

„Некој друг загадува, а наши бели дробови ќе чистат“, рече уште еден од активистите што се обратија на протестот.
Реторички праша и зошто е тоа така, па констатираше „заради некои големи профити оти некој треба многу да заработи“.
„Како може да заработи? Па така, има евтина суровина, имаме евтина работна рака, имаме евтини политичари, ќе ставиме маржа 30%, а имаме и евтина енергија – гратис ни ја даваат. Кога ќе ставиме маржа 30% на тоа и огромен промет, тогаш можеме да си купиме се – можеме да си купиме судии, претседатели на судии, јавно обвинителство, можеме да си купиме политички партии, министри, па дури имаме пари и за премиери“, рече еден од активистите обраќајќи се пред демонстрантите.
Граѓанската иницијатива го организираше маршот со цел да изврши притисок врз институциите да не ја обновуваат А-интегрираната дозвола на цементарницата според старите регулативи.
Организаторите претходно посочија дека Скопје со години се соочува со висок степен на аерозагадување и дека индустриските капацитети мора да работат според најстрогите европски еколошки критериуми. Тие побараа итно модернизирање на технолошките процеси во фабриката. Од иницијативата нагласија дека наместо усогласување со европските стандарди и најдобрите достапни техники, цементарницата „Усје“ барала да продолжи да работи со истите гранични вредности за загадување од 2007 година, а во барањето за продолжување на А-интегрираната дозвола немало конкретни мерки за намалување на емисиите.






ТИТАН УСЈЕ: Во последниве 15 години инвестиравме 29 милиони евра во заштита на животна средина
Менаџментот на „Усје“ тврди дека производството е во рамките на законските регулативи и дека придонесува за домашната економија. Во соопштението објавено еден час пред протестот, од компанијата Титан Усје велат дека строго ги почитуваат сите обврски што произлегуваат од важечката регулатива и останува целосно посветени на усогласување со сите идни законски решенија што ќе стапат во сила.
„Компанијата со големо внимание ги следи сите законски промени и во меѓународното и во домашното законодавство и континуирано инвестира во нова технологија за да може да се усогласи на регулаторните барања. Во изминатите 15 години компанијата инвестираше 29 милиони евра во модернизација и заштита на животната средина“, е наведено во соопштението на Титан Усје.
Во него е посочено дека компанијата е отворена за дијалог заснован на факти, и дека во изминативе години редовно инвестирале во најсовремени системи за филтрација и независен систем за континуирано следење на емисиите.
„Резултатите од редовните и контролните мерења потврдуваат дека сите параметри се во рамки на законски пропишаните вредности, при што дел од нив континуирано се повеќекратно пониски од максимално дозволените лимити“, велат оттаму.
Министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа неодамна телевизиско интервју изјави дека дозволата за цементарницата „Усје“ ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември следната година. Според неговата изјава, новата регулатива предвидува построги еколошки стандарди кои ќе важат за сите оператори со А-интегрирани дозволи.


