Детската клиника во Скопје бележи најниска стапка на смртност кај хоспитализирани пациенти во историјата на Клиниката, соопшти директорот Реџеп Мемеди на денешната прес-конференција.
„Универзитетската клиника за детски болести бележи значително намалување на стапката на смртност кај хоспитализирани пациенти во овие две години, до 300 проценти во споредба со претходните години. Според официјалните статистички податоци од информатичкиот систем на Клиниката за периодот 2014 – 2026 година, анализите покажуваат дека, на пример, во 2015 година процентот на починати пациенти во однос на хоспитализираните пациенти изнесувал 1,51 отсто – апсолутен број на смртни случаи 108, додека во 2025 година стапката на смртност паднала на 0,51 процент – апсолутен број на смртни случаи 39“, информираше Мемеди.
Тој истакна дека охрабрувачки се споредбените резултати за првиот квартал од оваа година, односно во првото тромесечие од 2026 година стапката на смртност е 0,27 проценти, што е најниско ниво во последните 17 години, и приближно два пати пониска во споредба со претходната 2025 година – истакна Мемеди.
Пред 10 години, додаде Мемеди, во првиот квартал од 2016 година, биле регистрирани 1758 хоспитализирани пациенти – од кои 37 починале, односно стапка на смртност од 2,10 проценти, додека во првиот квартал од 2026 година регистрирани се 1841 хоспитализирани пациенти, а 5 починале, односно стапка на смртност од 0,27 отсто, што претставува намалување од 770 проценти или стапка на смртност 7,5 пати помала во споредба со пред 10 години.
Според него овие позитивни резултати во последните две години се и плод на подобрувањето на условите во Клиниката, повеќе од 24 проекти и вработувањето и ангажирањето на нов медицински, административен и технички персонал кој како што рече Мемеди, постојано се едуцира и обучува.
Сепак тој денеска призна дека клиниката се соочува со недостиг на медицински сестри и толку поради тоа во летниот период се споени одделите за имунологија и пулмологија.
„Бидејќи не можевме со главната сестра никако да организираме сменска работа, организација на распоред за дежурства, бевме приморани привремено да направиме фузија на двата оддела, за да можеме да имаме на располагање сестри кои ќе покриваат дежурства. Се работи за имунологија и пулмологија А. Одделот не е укинат, тоа е привремено решение за да го пребродиме овој период кога немаме доволен број на кадар“, рече Мемеди.
Притоа истакна дека побарал од Министерството за финансии, дополнителни согласности за нови вработувања. Од 144 вработени сестри, 25 биле над 60 години, односно за некое време ќе исполнат услов за пензија. Дополнителни 15 сестри биле над 57 години, и тие по закон биле ослободени од дежурства. Единаесет, работеле со скратено работно време, други 16 сестри, користеле породилно отсуство, што значи дека околу половина од вработените сестри, не можеле да покриваат дежурства и сменски работи.
„Недостигот од нив, сериозно ги доведува во прашање нормалното работење и квалитетот на услугата. Од овие 50 ангажирани со договор на дело, скоро половина се медицински персонал. Или, 18 медицински сестри, четири лабораториски техничари и еден биолог. Останатите се администратори и технички персонал. Сите неопходни за нормално функционирање на работата. Без нив, се соочуваме со сериозни проблеми во организацијата на работата“, појасни Мемеди.
Сепак и покрај намалениот број на капацитет за прием на дечиња, тој уверува дека сите пациенти ја добиваат потребната нега и ниту едно дете не било вратено.


