Министерот за локална самоуправа Златко Перински е задоволен од динамиката со која се одвиваат проектите на општините кои добија пари од унгарскиот кредит. На денешната прес конференција на која даваше отчет за сработеното, тој рече дека од сите 1116 проекти, 446 проекти се целосно завршени, 417 проекти се во фаза на реализација.
„Во првиот јавен повик, од 288 проекти, 229 се целосно завршени, што значи дека е многу соодветна динамиката на имплементација на проектите на терен. Само една општина ќе ја повтори постапката за јавна набавка, затоа што мислам дека не се избра изведувач. Во вториот јавен повик, од 828 проекти, веќе 217 проекти се во завршна фаза. Или кумулативно, еве ќе се обидам да бидам максимално прецизен, од сите проекти, 1116 на број, 446 проекти се целосно завршени, 417 проекти се во фаза на реализација, 148 проекти секој ден се очекува да се воведат од работа бидејќи веќе имаат склучено договори. Остануваат само 40 проекти од овие 1116 проекти коишто во периодот што следи очекуваме да добијат јавна набавка“, рече Перински.
Средствата од унгарскиот заем се наменети за реализација на инфраструктурни проекти, меѓу кои изградба и реконструкција на патишта, улици, водоводни и канализациски мрежи, училишта, градинки, пазари и други локални објекти. Според податоците на Министерството за локална самоуправа, општините поднеле стотици проекти, а најголем дел од инвестициите се насочени кон патната инфраструктура.
За Владата, кредитот претставува механизам за забрзан локален развој и капитални инвестиции, додека опозицијата во повеќе наврати побара поголема транспарентност околу распределбата и реализацијата на средствата.
Перински зборуваше и за недонесените измени на Предог-законот за локална самоуправа, за што, како што рече, причина е политичкиот инает. Тој порача дека намера да го повлечи овој закон, додека е на оваа позиција, заради тоа што смета дека со новото предлог-законско решение навистина се зголемува нивото на локалната демократија и претставува еден реформски процес кој што ќе донесе подобро пред сѐ за граѓаните, а потоа и за општинските администрации и секако градоначалниците.
„Притоа, сите амандмани кои што беа поднесени од опозицијата, а кои што беа апликативни во еден системски закон, од наша страна беа прифатени. Што значи дека ние не сакавме да го присвоиме ова ново законско решение, туку напротив, процесот го отворивме максимално транспарентно за да ги слушнеме сите мислења и се она што е апликативно да биде имплементирано во во ова ново предлог-законско решение. За жал, мислам дека не станува тука збор за суштина, туку станува збор исклучиво за политички инает“, рече Перински.
Опозицијата не ги поддржа измените на Законот за локална самоуправа оценувајќи дека дел од предложените решенија, меѓу кои и можноста за референдумско отповикување на градоначалници, оставаат простор за политички злоупотреби и се носат без доволен консензус. Власта, пак, тврди дека измените ќе обезбедат поголема отчетност, транспарентност и контрола врз работењето на локалните власти.


