Четириесет општини ќе добијат стручна помош за развој

Објавено:

Четириесет општини ќе добијат стручна поддршка од експертски тим за подготовка на плански документи за локален економски развој, со цел креирање квалитетни и применливи решенија кои ќе придонесат за поттикнување на локалниот економски раст, привлекување инвестиции и подобрување на условите за живот на граѓаните. Ова денеска го најави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на работниот состанок посветен на поддршка за подготовка на плански документи за локален економски развој, организиран во рамки на Ресурсниот центар за поддршка на општините.

„Во изминатиот период преку Ресурсниот центар испорачавме повеќе важни алатки и документи наменети за градоначалниците и општинските администрации. Денеска започнуваме нова фаза на поддршка преку групна испорака на стручна помош за подготовка на плански документи за локален економски развој, согласно потребите што самите општини ги идентификуваа“, истакнал Перински.

Целта на оваа активност, велат од ресорното министерство, не е само декларативно да биде партнер на општините, туку преку конкретни активности да придонесе за олеснување на нивната работа и подобрување на локалните политики.

„Локалната самоуправа е самостојна во извршувањето на своите надлежности, но преку партнерска соработка и взаемна поддршка можеме да постигнеме многу повеќе. Затоа градиме систем во кој знаењето, експертизата и расположливите ресурси ќе бидат ставени во функција на развојот на општините“, порачал Перински.

Инаку, Ресурсниот центар, во рамки на Министерството за локална самоуправа, претставува механизам за обезбедување стручна, техничка и советодавна поддршка за општините, согласно нивните потреби и предизвици.

Ваква поддршка не е сосема нова, туку е надградба на претходните активности што Министерството ги спроведувало преку Ресурсниот центар. Она што е ново, е што сега се воведува поорганизиран пристап со експертски тимови и групна работа со повеќе општини истовремено.

Засега нема јавно достапни податоци за тоа колку општини имаат подобрени услуги, колку инвестиции се привлечени или колку граѓани директно почувствувале подобрување по примената на ваквите мерки на поддршка.