Дојран – недокажана приказна од југот

Објавено:

Јуни. Уште од утрото се насетува дека денот ќе биде топол. Дојран полека се буди. Локалните продавнички и кафеани ги отвораат вратите за своите гости.

Почнува туристичката сезона во која малата општина на крајниот југоисток и во непосредна близина на границата со Грција, живее подинамично од останатите 9 месеци во годината.

„Сакаме гости, како не“, ни вели еден уличен продавач на пијалоци, кој секој ден е на своето работно место, главното шеталиште во Дојран.

„Сите се добредојдени во Дојран. Имаме убава природа, лековито езеро и чист воздух, а и цените ни се за сечиј џеб“, вели овој дојранчанец кој годинава се надева на подобра заработувачка од ланската.

На шеталиштето ја сретнавме и Мирјана С. која со своето семејство дошла на ручек во една од локалните кафеани од каде што се шири мирис на свежо подготвена риба.

„Ние живееме во Струмица, ама скоро секој викенд сме тука. Уживаме во дојранските специјалитети од риба. Децата си играат, ние си одмараме, дишеме воздух, супер ни е“, вели оваа струмичанка.

Dojran
Тезга на која може да се купат дојрански специјалитети

Локалната власт уверува дека и годинава Дојран е подготвен за идните туристи, повикувајќи се на, како што велат, „долгогодишното искуство во организација и менаџирање на туристичката сезона“.

„Во изминатиот период интензивно работевме на уредување на јавните површини, плажите, шеталиштата, комуналната инфраструктура и целокупната туристичка понуда. Работиме интензивно на уредување и на првата инклузивна плажа во нашата општина“, велат од општината за Колегиум.мк

Прошетката ја продолжуваме кон градскиот парк во Стар Дојран, веднаш покрај езерото.

На една од клупите, под раскошната сенка на чинариот ја среќавамe Весна, жителка на Дојран.

Вели дека на Дојран му недостасува здравствена услуга во текот на целата година, а не само во летната сезона. Објаснува дека и за најмал здравствен проблем или за рецепти за редовната терапија, жителите на оваа општина се принудени да патуваат до најблиските градови, како што се Богданци, Валандово или Гевгелија.

„Малку му треба на Дојран, не треба којзнае што… Ама нема работници, нема кој да работи. Сите сакаат во канцеларија да седат“, вели таа по малку разочарана од реалноста.

Gradskiot park vo Dojran
Градскиот парк во Дојран

Локалната власт ветува помодерен и позелен Дојран

Општинските власти ветуваат подобри денови за Дојран. Велат дека ги слушаат потребите на граѓаните и секојдневно ги скенираат работите на терен.

„Во наредниот период сме фокусирани на модернизација на локалната инфраструктура, подобрување на водоснабдувањето и канализационата мрежа, уредување на јавниот простор, енергетска ефикасност и поддршка на туризмот како стратешка гранка за локалниот економски развој. Паралелно работиме на подготовка и реализација на проекти кои ќе обезбедат долгорочна заштита на природните ресурси, особено на Дојранското Езеро“, уверува градоначалникот на општината, Илија Тентов.

Gradska plaza na Dojransko ezero
Плажа на Дојранско езеро

Од скромната понуда на туристички занимливости, во Дојран можете да го посетите манастирскиот комплекс Св.Партениј Зографски, да отидете до црквата Св. Илија изградена во 1848 година, да го посетите Езерскиот музеј во кој се содржи колекција од растителниот и животинскиот свет во Дојранското езеро, да ја ѕирнете Саат кулата или рушевините од градската Амам бања. Но несомнено, најпознатата атракција е езерото, старо повеќе милиони години.

Риболовот отсекогаш била главна активност на локалците, но и не само за нив. Тука постои уникатен начин на ловење риби, со помош на птици во огради од трска, или таканаречени мандри.

Но „душата“ на Дојран, како што некои го нарекуваат езерото, се соочува со пад на нивото на водата.

Испарувањето, сушните години, недоволниот доток на свежа вода, но и човечки интервенции предизвикуваат намалување на нивото на водата.

Dojransko ezero
Поглед кон Дојранското езеро

Во доцните 1980-ти и 1990-ти години нивото на езерото паднало до критично ниски вредности. По изградбата на системот за дополнување со вода, состојбата значително се подобрила и нивото повторно се покачило за околу 1,8 метри во однос на историскиот минимум.

Дојранското Езеро е природен екосистем врз кој влијаат повеќе фактори, пред сè климатските услови, високите температури и долготрајните сушни периоди со кои се соочува целиот регион, одговара градоначалникот Тентов на прашањет- зошто повторно се исклучени пумпите од хидросистемот за дополнување на езерото.

„Состојбата внимателно се следи од надлежните институции и постои постојана комуникација со сите релевантни чинители. Во однос на хидросистемот, очекуваме набрзо да биде ставен во функција“, вели Тентов, истакнувајќи дека заштитата на Дојранското Езеро е заедничка обврска на локалната и централната власт.

Shetalisteto pokraj Dojranskoto ezero
Шеталиштето покрај Дојранското езеро

Според пописот од 2021 година, општина Дојран има околу 3084 жители, а поновите проценки покажуваат околу 3000 жители. Населението е концентрирано во населбите Нов Дојран, Стар Дојран и околните села.

Покрај постојаните жители во општината, Дојран секој викенд го „полнат“ и луѓето кои тука имаат свои викендици или апартмани. Туристичките и локалните извори наведуваат дека покрај брегот на Дојран има повеќе од 600 викенд-куќи, особено во Стар Дојран и околината. Но, во последните неколку години, интензивно се гради, а просечната цена на квадрат во ова туристичко место достигнува и до 850 евра.

Пред 10 години Стојан од Скопје си купил апартман во зграда во Стар Дојран. Секоја можна прилика ја користи за одмор тука, покрај езерото и локалните кафеанки. Тоа што му пречи е што во текот на летниот период често се случува да нема вода со часови.

„Не смее туристичко место да си дозволи да има прекин на водоснабдувањето по неколку часа. Тие дефекти на водоводните цевки постојано се повторуваат и треба конечно да си го решат тој проблем. Јас сум инвестирал тука, доаѓам за да избегам од скопските гужви и стресови и немам намера да се нервирам за такви работи“, вели Стојан.

Shetalisteto vo Dojran
Шеталиштето покрај Дојранското езеро

Иако последните истражувања на квалитетот на водата на Дојранското езеро укажува дека таа е безбедна за капење и рекреација, забележавме многу малку капачи во езерото. Повеќе имаше во базените од хотелите сместени во непосредна близина, кои нудат преубав поглед кон езерото.

Но, тоа што останува непроменета слика во Дојран, се неколкумина рибари распоредени покрај брегот на езерото.

За нив, времето како да застанало. Опремени со трпение и позитивна енергија, тие со часови чекаат да се фати нешто на јадицата.