Запленети 200.000 лажни кондоми од Кина, се продавале како познат бренд и на Балканот

Објавено:

Европската Канцеларија за борба против измами (OLAF) откри и прекугранична рута за трговија што се користела за дистрибуција на повеќе од 200.000 фалсификувани кондоми во Европа. Лажните кондоми биле продавани во Европа под името и логото на познат бренд, соопшти Канцеларијата.

Зборувајќи во Брисел, по завршувањето на истрагата, генералниот директор на OLAF, Петер Клемент, предупреди дека употребата на овие кондоми е опасна.

„Фалсификуваните кондоми се опасни. Тие се нетестирани, неконтролирани и небезбедни. Можат да овозможат ширење на сексуално преносливи инфекции. Затоа OLAF ги таргетираше мрежите зад оваа нелегална трговија., рече Клемент“

OLAF ја спровел акцијата по детална анализа на своите бази на податоци и информации од јавни извори, откако добиле почетни сознанија од националните власти. Заедно со царинските органи во Романија, Србија и Шпанија, OLAF, соопштија од Канцеларијата, направил споредбена анализа на запленетите производи и утврдил дека „фалсификуваните кондоми потекнуваат од заеднички извор во Кина“.

„Работејќи со кинеските власти, OLAF го идентификуваше извозникот зад пратките. Стоката била лажно пријавена како играчки, очигледно за да се избегне контролата на националните органи. Во Европа, кондомите се категоризираат како медицински уреди. При влез во ЕУ, тие мора да ги исполнуваат специфичните стандарди за здравје и безбедност, да имаат CE сертификат и да се усогласат со стандарди како ISO 4074 за да се докаже дека се безбедни и ефикасни. Како резултат на истрагата, OLAF успеа да прекине значителен прилив на кондоми што не ги исполнуваат барањата на ЕУ за квалитет, како контрола на микробна контаминација, биокомпатибилност, тестирање на протекување, димензионални барања, рок на траење и тестирање на стабилност“, се наведува во соопштението.

Од ОЛАФ се осврнуваат и на последиците од употребата на овие кондоми.

„Употребата на овие кондоми ќе ги изложеше потрошувачите на здравствени ризици како сексуално преносливи инфекции, непланирани бремености и изложеност на небезбедни хемикалии и материјали. Првичната пазарна вредност на овие кондоми била проценета на над 200.000 евра. OLAF ќе продолжи тесно да соработува со националните власти, носители на права и меѓународни партнери за да идентификува нови закани и да ги нарушува нелегалните синџири на снабдување со фалсификувани производи“, наведуваат од ОЛАФ.