Русија би требало да сподели повеќе информации за минатонеделната смрт на лабораториска работничка, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио, додавајќи дека Вашингтон „многу внимателно“ ја следи ситуацијата.
Лаборантката во сибирскиот институт за истражување на чумата се разболела и во петокот починала под сè уште неразјаснети околности.
Руските власти потоа ставиja десетици лица во карантин, а на социјалните мрежи се појави загриженост за јавното здравје. Тие соопштиja дека ситуацијата е под контрола.
Рубио рече дека САД располагаат со мерки со кои би можеле да ѝ помогнат на Русија доколку се покаже дека ситуацијата е посериозна отколку што засега се признава, но дека за тоа е потребно да се соберат повеќе информации.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера им изјави на новинарите дека наскоро би требало телефонски да разговара за случајот со рускиот претседател Владимир Путин.
Инаку, Европската комисија и земјите-членки на Европската Унија денеска ќе разговараат за сомневањата за појава на чума во Сибир, откако лабораториски работник почина во рускиот град Иркутск.


