Зеленски: Русија истрела 70 ракети врз Украина, најмалку 11 загинати

Објавено:

Русија во ноќта кон среда лансирала 70 ракети и извршила напад со дронови врз Украина во еден од најголемите напади во последните месеци, при што загинале најмалку 11 луѓе низ земјата, а главна цел била украинската енергетска инфраструктура, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Русите сакаа да зададат болен и демонстративен удар. Руските балистички ракети и натаму се најголемиот предизвик. А пакетите со противвоздушна одбрана сега се од витално значење за нас“, изјави Зеленски.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала 130 дронови и 48 крстосувачки ракети, како и балистички ракети. Противвоздушната одбрана соборила 161 цел, се наведува во соопштението објавено на Телеграм.

Главни подрачја на нападите биле Киев и Полтавската област во централна Украина, Дњепропетровската област на југоистокот и Харков на североистокот од земјата, соопштија украинските воздухопловни сили.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили извршиле „масовен напад“ врз објекти на украинската воена индустрија во Киев и во други делови од земјата, користејќи високопрецизно оружје лансирано од копно, море и од воздух, како и дронови.