Лекарот Дарко Василевски, по 6 дена штрајк со глад пред Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, синоќа го прекина протестот.
Тој го започна штрајкот на 1 октомври, откако и по две недели не добил одговор на отвореното писмо до Министерството за здравство, Деканатот на Медицинскиот факултет Скопје и до Министерството за образование и наука, во кое обвинува дека трет пат бил дискриминиран на јавен оглас за вработување поради неговата возраст.
„Вечерва заминувам од пред Деканатот на Медицинскиот факултет со крената глава, затоа што барем укажав на неправдата со која се соочуваат медицинските лица кај нас кои немаат славно име, поддршка или, во мојов случај, имаат многу години. Се надевам дека овој мој потег ќе биде поттик во иднина да се зборува многу повеќе и многу погласно“, напиша Василевски на Фејсбук.
Тој додава дека по краткиот разговор со деканот на Медицински факултет, сфатил дека како Дон Кихот, се бори со ветерници и има преголеми очекувања од институциите.
За скоро една недела, никој не се одважи да ме праша како сум, да побара решение или да ми понуди конкретен разговор, истакнува лекарот.
„Си одам со благо нарушено здравје, ама горд на себе што издржав и не каснав ни залак, што не потклекнав под притисокот, што барем јавноста се сплоти околу мене. Фала ви на сите за поддршката, а јас и понатаму ќе одам против ветерници, не знам како поинаку“, пишува на Фејсбук лекарот Дарко Василевски.


