Претседателот на Украина Володимир Зеленски вечерва изјави дека украинските одбранбени сили не изведувале никакви операции во водите на Бугарија, каде што претходно беа нападнати два цивилни брода, од кои едниот потона, а другиот е тешко оштетен.
Тој истакна дека украинските власти преку разузнавачките и безбедносните служби ги утврдуваат сите расположливи информации за нападот.
Зеленски оцени дека новиот инцидент со цивилните бродови претставува продолжување на, како што наведе, руските настојувања западниот дел на Црното Море да го направи целосно несоодветен за пловидба.
„Ги проверивме сите податоци со бугарската страна. Утврдено е дека станува збор за руски комбиниран напад со поморски и воздушни дронови“, рече Зеленски.
Тој додаде дека им наложил на Оружените сили, Министерството за одбрана, украинската разузнавачка служба и другите институции во целост да соработуваат со партнерите за Украина и нејзините партнери да имаат поголеми можности за заштита.
Премиерот на Бугарија Румен Радев претходно го осуди нападот врз два трговски брода погодени со дронови во бугарската ексклузивна економска зона во Црно Море, како „целосно неприфатливо“ кршење на меѓународното право и поморските норми.


