„Сестра, брат и шахта“, најновиот филм на Милчо Манчевски победи на Филмскиот фестивал во Токио, фестивал од А-категорија. Филмот ја освои главната награда на фестивалот, „Токио Гран при“ (Tokyo Grand Prix).
Ова е првпат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после „Пред дождот“ на Манчевски во Венеција во 1994.
Претседателот на жирито, легендарниот австралиски режисер Ролф де Хер, при доделувањето на наградата го прочита официјалното образложение на жирито:
„За беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран, големата награда на Токио – Наградата на гувернерот на Токио за најдобар филм – му се доделува на „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“.
Манчевски ја сподели радоста од освоената награда и им се заблагодари на сите, кои верувале во создавањето на филмот:
„Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите – за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“, изјави Манчевски по доделувањето на Гран при наградата.
На свеченото затворање на фестивалот наградата ја подигнаа главните актери во филмот Сара Климоска, Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев.
По доделувањето на наградата, на сцената се обрати и продуцентот на филмот, кој во име на авторската и продуцентската екипа им се заблагодари на сите, кои верувале во проектот и го поддржале неговото создавање:
„Во Токио дојдовме со шахта, а во Македонија се враќаме со оваа прекрасна награда. Мислам дека ова е навистина добра зделка! Од неизвесноста дали воопшто ќе успееме да го снимиме филмот, до оваа вечер, кога стоиме тука, во Токио – навистина поминавме долг пат“, изјави Ќортошев.
Годинава, на Токискиот меѓународен филмски фестивал (TIFF) пристигнаа 1.892 филмови од 112 земји и региони. По ригорозен процес на селекција, во натпреварувачката програма беа избрани 15 филма.
Ова е деветти долгометражен игран филм на Манчевски. Во 2026 година тој го реализираше и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани


