Продлабочување на билатералната соработка, зајакнување на економските и трговските врски, поддршка за стабилноста на Западен Балкан и европската интеграција, беа темите за кои денес во Скопје разговараа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис.
За Муцунски посетата има двојно значење бидејќи, покрај билатералните прашања, во фокусот е и улогата на Касис како претседавач со ОБСЕ.
„Со министерот Касис разговаравме за продлабочувањето на билатералната соработка со посебен акцент на трговијата, економијата и инвестициите. Оценивме дека постојат значајни можности за зајакнување на економските врски преку поголема поврзаност помеѓу деловните заедници и нови партнерства во повеќе области. Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава можности за соработка и за граѓаните“, истакна Муцунски.
Понуда за помош во евроинтеграцијата
Во однос на европската интеграција, тој ја повтори определбата на земјата за европска иднина и истакна дека со Касис разговарале за реформскиот процес и стратешката цел на Македонија, полноправно членство во Европската Унија. Муцунски нагласи дека пристапот на Владата е реален, но и амбициозен, со продолжување на реформите, приближување кон европските стандарди и зајакнување на врските со сите европски држави.
Касис упати благодарност за солидарноста и помошта што земјата ѝ ги понудила на Швајцарија по трагедијата во Кран-Монтана на 1 јануари годинава. Тој потсети дека македонската поддршка била меѓу првите што пристигнале по несреќата, при што земјата понудила не само спонтана солидарност туку и конкретна помош имајќи го предвид сопственото искуство со трагедијата во Кочани.
Тој нагласи дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и за целиот регион на ОБСЕ, при што ја поздрави и поддржа европската перспектива на земјата за која оцени дека ќе придонесе за зајакнување на нејзината позиција во поширокиот безбедносен и политички контекст. Касис посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Во таа насока, нагласи дека организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.


