Во периодот од 26 октомври до 1 ноември во Македонија се пријавени 116 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 90,2 насто во однос на претходната недела, кога биле регистрирани 61 случај, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во споредба со истиот период од минатата сезона, кога биле регистрирани 94 заболени лица, бројот на случаи е зголемен за 23,4 отсто.
Најмногу заболени во текот на изминатата недела се пријавени во Тетово – 48, Куманово – 26 и Скопје – 13.
Според возрасните групи, најголем дел од заболените се на возраст од 15 до 64 години – 84 лица, додека 25 се постари од 65 години, а седум се деца на возраст од пет до 14 години.
Од почетокот на сезоната 2026/2027 вкупно се регистрирани 343 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е за 1,5 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. Најголем број заболени, вкупно 127, се регистрирани во Тетово.
Од Институтот посочуваат дека, и покрај зголемувањето на бројот на случаи, активноста на грипот сè уште е на меѓусезонско ниво и не е достигнат епидемиолошкиот праг за почеток на сезоната на грип.
Препораки и вакцинација
Од ИЈЗ препорачуваат избегнување близок контакт со лица што имаат симптоми на респираторни инфекции, како кашлање, кивање и покачена телесна температура, како и избегнување престој во простории со многу луѓе.
Меѓу препорачаните мерки се редовно миење на рацете со вода и сапун или користење средство за дезинфекција, често проветрување на просториите, соодветно облекување и консумирање доволно течности.
Се препорачуваат и разновидна исхрана богата со витамини и минерали, доволно сон, одмор и физичка активност.
Од Институтот потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната заштита од сезонски грип, особено за ризичните групи, во кои спаѓаат лицата над 65 години, децата на возраст од шест до 59 месеци, лицата со хронични заболувања, бремените жени и здравствените работници.


