Кај 15-годишен ученик во средно училиште во Тетово полицијата пронашла пиштол, по што малолетникот бил лишен од слобода, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според информациите од МВР, настанот се случил на 13 ноември 2026 година. При прегледот, извршен од полициски службеници во присуство на родител и училишниот педагог, кај ученикот биле пронајдени и одземени пиштол „Зораки 918-Г“ калибар 9 милиметри и една рамка.
Малолетникот бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен јавен обвинител. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок, соопшти полицијата.
Овој настан следува по серијата напади на малолетници врз нивни врсници, снимање на нападите и нивно објавување на социјалните мрежи, особено на специјализирани канали на платформата ТикТок. Според пријавите на родителите, нивните деца биле бркани по улица, вербално и физички напаѓани и испрашувани дали се „балисти“ или „војводи“.
Пријави за тие настани имаше и од родители Македонци и од родители Албанци.
Во 2026 година од страна на СВР Тетово биле регистрирани и пријавени 12 случаи на нарушувања на јавниот ред и мир и други инциденти помеѓу малолетни лица од различни етнички заедници. Од нив целосно расчистени се пет случаи. Во тие пријави има и од родители – Албанци и од родители – Македонци.


