Премиерот Христијан Мицкоски денеска побара од Република Бугарија да го предаде Симеон Михаилов, по кого Министерството за внатрешни работи (МВР) има распишано меѓународна потерница и е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор во случајот „Детонатор“.
„Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат согласно на партнерството. Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекувам луѓето што се бараат со потерница, што направиле некаков прекршок или кривично дело, во духот на партнерството да ги испорачаат и да се соочат со законот и правдата“, рече Мицкоски.
„Детонатор“ е полициско-судски случај од 2012 година против организирана криминална група која дејствувала главно во Ккчани и околината, при што група околу 15 лица беа обвинети за лихварство и изнуда, злосторничко здружување, насилство и други кривични дела.
Михаилов изминатите денови се појави во бугарски медиуми бранејќи ја својата ќерка Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа од минатата година, со смртни последици. Ова привлече внимание во јавноста бидејќи тој со години е недостапен за македонските институции. Во несреќата во која учествуваше и Михаилова, едно лице загина.
Михаилова пак, има македонско и бугарско државјанство и тврди дека Македонија не ѝ е дозволува да се лекува во Бугарија од последиците од несреќата.
Случајот предизвика големо внимание во Бугарија, особено по одлуката на Основниот суд во Кочани да го одбие барањето на Михаилова да ѝ бидат вратени личните документи, за да може да продолжи со лекување во Бугарија.
Судот го одби барањето со образложение дека не биле доставени потребните лекарски мислења дека таквото лекување не може да се спроведе во Македонија. Апелацискиот суд во Штип на 20 август ја потврди одлуката на кочанскиот суд.
На последното рочиште во Основниот суд во Кочани, одржано на 31 август, присуствуваа и шест бугарски пратеници, кои го следеа рочиштето.
По случајот реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи, кое побара Михаилова да добие навремена и соодветна медицинска грижа. Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова најави дека ќе го покрене прашањето пред генералниот секретар на Советот на Европа. Премиерот Румен Радев објави дека Бугарија подготвува протестна нота до властите во Македонија во врска со случајот.
Симеон Михаилов, пак, е еден од 15-те лица осудени во случајот „Детонатор“, во кој беа опфатени лица од Кочани и Виница за кривични дела, меѓу кои се обид за убиство, насилство, лихварство, изнуда и недозволено поседување оружје. Определена му е 12-годишна затворска казна.
Акцијата „Детонатор“ започна во источна Македонија и се прошири во останатите градови. Беа запленети над 1.000 покер апарати, а како последица на акцијата беа сменети 13 командири на полициски станици и началникот на СВР Штип.


