Група македонски маратонци вчера точно во 17 часот, по 19-ти пат тргнаа од Нова Градишка, Хрватска да трчаат до Гумење во Крушево, во чест на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој на 16 октомври 2007 година загина во тешка сообраќајна несреќа кај Нова Градишка.
Маратонот го почнаа 13 маратонци, а уште еден ќе им се придружи во Македонија. Низ Хрватска ќе истрчаат околу 200 километри, преку Србија ќе поминат со возила, како што налагаат прописите во земјата, а од границата со Македонија до Крушево, македонските маратонци ќе истрчаат уште 220 километри.
„Возбудата е голема, чувството е неописливо. Нѐ чека долг пат. Ќе се сретнеме на вечното почивалиште на Тоше на Гумење во Крушево“, вели Наум Капричевски, иницијаторот на маратонот во чест на Тоше.
Маратонците пред почетокот на маратонот, положија свежи цвеќиња и се поклонија на спомен обележјето посветено на Тоше во Нова Градишка.
Тие имаа прием во продуцентската куќа „Хит рекордс“ од Загреб со која Тоше Проески соработуваше, а во меморијалниот центар „Дражен Петровиќ имаа средба со мајката на Дражен, Бисерка Петровиќ.
Од Нова Градишка, маратонците беа испратени од претставници на Туристичката заедница од градот и од македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски. Маратонците ги придружуваат и двајца професионални возачи од Владата на Република Македонија.
Маратонците во Крушево ќе пристигнат напладне, на 16 октомври, в петок, на 19 -годишнината од загинувањето на Тоше Проески.
Крушевчани, традиционално ги пречекуваат со црвени рози, во чест на Тоше.


