Почина македонскиот пејач Владо Јаневски

Објавено:

По кусо боледување на 66 годишна возраст почина македонскиот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски, јавува порталот Сакам да кажам.мк повикувајќи се на потврда од неговите соработници. Тој беше еден од најпопуларните македонски пејачи и автори.

Јаневски беше официјален претставник на Македонија во 1998 година на Евровизија, каде што во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“. Најпознати негови евергрини се „Чаирска романтика“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“, „Еден бакнеж“ и многу други. 

Зад себе остави шест студиски албуми: „Парче душа“ (1993), „Сѐ најдобро“ (1996), „Далеку е небото“ (1996), „Има нешто посилно од сѐ“ (2002), „Ваков или таков“ (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“ (2006).

Последниот негов настап пред публика беше во март годинава, кога ѝ беше гостин на хрватската пејачка Весна Писаровиќ на нејзиниот концерт во Филхармонијата. Јаневски одржа заеднички концерт со Момчило Бајагиќ-Бајага на 14 февруари во Скопје, а две недели потоа настапи на „Златна бубамара на популарноста“.

Годинава имаше најава за концерт во август во Охрид, кој неодамна беше откажан.