Опозициската СДСМ најави дека нема да учествува на координативна средба што ја иницира партијата Левица за утре, 13 јули, за измените во Изборниот законик, бидејќи во партијата сметаат дека „тоа е веќе видено сценарио во кое сателитските партии на Мицкоски се обидуваат да ја вовлечат опозицијата во неговата валкана игра“.
„СДСМ веќе ги даде своите јасни и конкретни предлози во Собранието. Нема потреба од нови предлози. Нашите предлози се јасни: гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава. Ова е класичен обид на Мицкоски, преку своите сателити, да создаде привид дека опозицијата ја блокира реформата на Изборниот законик“, соопштија од СДСМ.
Претходно, Левица најави дека утре ќе иницира координативна средба за измените на Изборниот законик меѓу опозициските партии. И во оваа опозициска партија сметаат дека власта ја префрла одговорноста на опозицијата за пропаднатиот обид да се изгради консензус за измени на Изборниот законик. Затоа, соопштија дека целта на средбата би била опозицијата да ги усогласи ставовите и да изгради единствен предлог.
„Нашата цел не е уште една политичка средба без исход, туку сериозен обид опозицијата да застане зад најголемата демократска реформа на изборниот систем – една изборна единица. Доколку постои добра волја, понеделник може да биде почеток на процес што конечно ќе ја воспостави еднаквоста на секој глас. Левица ќе направи сѐ за да се изгради заедничка позиција околу една изборна единица“, соопштија од Левица.
Гласањето на дијаспората е главниот спор меѓу партиите од власта и опозицијата поради кој не постигнаа договор измени во Изборниот законик, еден од најчувствителните закони во секој демократски систем и дел од реформската агенда. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повика на компромисно решение, додека опозициските СДСМ, Левица и ЛДП најавија блокада со илјадници амандмани поради сомнеж за можни злоупотреби.
ВМРО-ДПМНЕ бара ставот македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат на претседателските избори во 2029 година, оценувајќи дека секој македонски граѓанин, без разлика каде живее, треба полесно да го оствари своето избирачко право.
СДСМ, пак, обвини дека премиерот Христијан Мицкоски сака Изборен законик со кој „никој нема да контролира околу 200.000 гласови“.
Партијата Левица предлага една изборна единица наместо шест, на колку што сега е поделена Македонија. Во Левица се сметаат себе си за единствени оштетени доколку остане на сила актуелниот Изборен законик, бидејќи ќе останат без рамноправен пристап до државното финансирање за изборна кампања и за платено политичко рекламирање.
Изборниот законик е менуван над 30 пати во последните три децении, и во ниту една измена до сега во целост не се вметнати забелешките од набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР.


