Вечен пациент на политиката: 35 години и 21 министер подоцна, здравството уште е во критична состојба

Објавено:

Сашо Клековски, синоќа избраниот нов министер за здравство, денеска седнa во жешката фотелја на еден од најчувствителните сектори во секоја досегашна влада.

Клековски ќе биде 21 министер за здравство во последните 35 години, од 1991 година досега. Со таа бројка, Министерството за здравство е рекордер по бројот на министри кои се сменија во него.

Клековски ја презеде функцијата од неговиот претходник Азир Алиу, кој беше сменет по година и еден месец министерување, во рамки на вчера изгласаната реконструкција на владата на актуелниот премиер Христијан Мицкоски и политичката поделба на министерствата меѓу владините коалициски партнери.

„На работната средба двајцата министри разговарале за проектите што се реализираат во здравствениот сектор, тековните активности, како и за процесите што биле во фокусот на Министерството во изминатиот период. Примопредавањето на функцијата има за цел да обезбеди непречено продолжување на работата на Министерството и реализација на започнатите реформи и проекти во здравствениот систем“, соопштија од Министерството за здравство.

Во последните 35 години, секој министер, во просек, за задржал по година ипол на функцијата. Најдолг мандат имаше Никола Тодоров, речиси непрекинати шест години, од 2011 до 2017 година. Најкратко на функцијата беше Арбен Таравари, само четири месеци, од јуни до октомври 2017, кога беше избран за градоначалник на Гостивар. И неговиот втор мандат траеше една година (2024-2025).

Но, додека министри се менуваат, македонското здравство уште чека соодветна терапија.

Исполнети 13 отсто од ветувањата во здравството, неисполнети 71 отсто

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ преку платформата „Компас – следач на владините ветувања“ направи мониторинг на тоа колку актуелната влада ги исполни своите ветувања од владината програма за периодот 2024-2028 година, со пресек на јуни 2026. Мониторингот е за повеќе сектори, меѓу кои е и здравството.

Во овој ресор, резултатите се поразителни – исполнети се 13 отсто ветувања, уште 16 отсто се во насока на исполнување, според наодите на „Фајнанс тинк“. Тоа значи дека не се исполнети 71 отсто од ветувањата.

„Дијагнозата“ од наодите е дека здравството постигнало ограничен напредок, со неколку значајни поместувања. Од 31 следено ветување, само четири се целосно остварени додека најголемиот дел остануваат неисполнети.

Напредок е постигнат кај кадровските политики и пристапот до одредени здравствени услуги, но клучните структурни реформи уште доцнат.

„Поголем дел од исполнетите ветувања во здравството беа во надлежност на ФЗОМ – чиј директор е унапреден на министерста позиција“, констатира „Фајнанс тинк“.

Вложувањата во јавното здравство се 7 отсто од БДП во 2024 и 7,1 отсто во 2025. Од ветувањето за 1.000 нови вработувања на здравствен кадар со нерешен статус и дефицитарен кадар, вработени се 950 лица. Економските директори на клиниките беа укинати. Меѓу исполнетите ветувања е и тоа за раст на капитациониот бод кај матичните лекари, како и ветувањето секоја жена да има можност за шест бесплатни ин витро процедури.

Неисполнети остануваат ветувањето за целосна дигитализација на системот, ветувањето за функционална интеграција на здравствената заштита преку подобрување на соработката меѓу примарното, секундарното и терцијалното здравство, ветувањето за здравствено осигурување за сите деца. Клиниките не се спија во еден интегриран клинички центар „Мајка Тереза“. Исполнето е ветувањето за сто нови возила – но не и тоа за вработување нов персонал и за проширување на мрежата на пунктови на Итната помош.

Хроничните болести на здравствениот систем

Клековски наследи буџет на министерството од околу 130 милиони евра. Но, во здравството проблем не се толку парите, туку состојби што не секогаш се решаваат со пари – бројот на лекари, особено специјалисти и на медицински сестри континуирано се намалува, тендерски процедури поради кои доцнат лекови и реагенси, високи трошоци за здравство кои граѓаните ги плаќаат од свој џеб, услуги кои пациентите не ги добиваат и покрај тоа што клиниките трошат буџети за тие услуги, пграничени термини за дијагностика и операции, долгови на клиниките не само поради немање пари туку и поради лошо менаџирање со нив…Понатаму, тука е и проблемот на скопска Онкологија која е затрупана со пациенти и покрај онколошки одделенија во Битола, Штип и во болницата „8 септември“ во Скопје, недовршените болници во Штип и Кичево, најавената, а неспроведена регионализација…

И можеби клучно е тоа што пациентите немаат доверба во здравството поради низата скандали во него, меѓу кои и последниот со наводно непотребни кардиохируршки операции на срце за кои извештај во јавноста уште не е објавен.

Драган Даниловски, кој исто така е поранешен министер за здравство, излезе со идеја за „Здравствен устав’“, како траен општествен договор околу вредностите и принципите врз кои треба да се темели развојот на македонското здравство, за кој смета дека е крајно време да се спроведе.

„Повторно сме во исчекување на нов министер за здравство. Во јавноста веќе започнаа анализите кој ќе биде избран, какви ќе бидат неговите приоритети и дали ќе успее да ги реши наталожените проблеми. Ова сценарио Македонија го гледа речиси три децении. Се менуваат министрите, директорите, организациските шеми и приоритетите. Здравствениот систем продолжува да се движи низ циклус на постојани прекини, нови почетоци и недовршени реформи. Во меѓувреме, незаразните болести остануваат водечка причина за смртност. Населението старее. Младите лекари и медицински сестри ја напуштаат земјата. Листите на чекање остануваат долгогодишен проблем. Превенцијата и јавното здравје сè уште немаат место што им припаѓа во системот. Овие состојби не можат да се менуваат во рамките на еден четиригодишен мандат. За подобрување на здравствените исходи потребни се долгорочна визија, институционална стабилност и јасно утврдени национални приоритети“, напиша Даниловски на социјалните мрежи.

Тој вели дека вакви решенија не се непознати во Европа и како пример ја пoсочува Словенија, каде стратешките определби за развојот на здравството се усвојуваат во парламентот и претставуваат долгорочна обврска за сите влади па поради таквиот пристап реформите имаат континуитет, а здравствените политики се градат врз постепен развој.

„Реконструкцијата на Владата отвора можност да започне една поинаква расправа. Расправа за иднината на македонското здравство во следните десет години. Расправа што ќе ги обедини знаењето, искуството и политичката одговорност околу една заедничка национална цел. Македонија одамна го има достигнато моментот кога здравството треба да стане државен проект, а не партиски проект. „Здравствениот устав“ може да биде првиот чекор во таа насока“, напиша Даниловски.

Засега, нема значителна полтичка поддршка за оваа идеја.

Досегашни министри за здравство во Македонија беа: Перко Колевски (1991-1992), Јован Тофовски (1992-1994), Илија Филипче (1994-1997), Петар Илиевски (1997-1998), Стојан Богданов (1998-1999), Драган Данаиловски (1999-2001), Петар Милошевски (2001), Ѓорги Оровчанец (2001-2002), Реџеп Селмани (2002-2004), Владо Димов (2004-2006), Имер Селмани (2006-2008), Бујар Османи (2008-2011), Никола Тодоров (2011-2017), Арбен Таравари (2017), Венко Филипче (2017-2022), Беким Сали (2022-2023), Фатмир Меџити (2023-2024), Илир Демири (2024), Арбен Таравари (2024-2025) и Азир Алиу (2025-2026).