Франција прва во ЕУ забрани социјални мрежи за тинејџери

Објавено:

Франција е првата земја-членка на Европската Унија (ЕУ) која реши целосно да ги забрани социјалните мрежи за тинејџерите.

На ваков чекор властите се решија поради се поголемата загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на децата.

Парламентот го усвои законот кој ќе се применува во две фази.

Од септември годинава, лицата под 15 години нема да може да отвораат профили, а за сите нови профили ќе се бара потврда за возраста. Втората фаза почнува да се применува од јануари 2027 кога ова правило ќе се примени и за веќе постоечките профили.

Ова значи дека секој во Франција ќе мора да ја потврди својата возраст за да пристапи до социјалните мрежи.

Францускиот претседател Емануел Макрон го поздрави потегот, кој претходно вети дека ќе го воведе со што и го означува крајот на неговото претседателство – функција што ја извршуваше една деценија.

Со новите правила, компаниите сопственици на социјалните мрежи ќе треба да применат алатки за проверка на возраста што прво ќе бидат одобрени од француското регулаторно тело за заштита на приватноста.

Иако скептиците ја доведуваат во прашање одржливоста на законот, владата инсистираше дека онлајн алатките за проверки на возраста се ефикасни и безбедни.

Сепак, во дел од јавноста има загриженост околу приватноста и ефикасноста, ризиците од заобиколување на правилата и дали за толку кратко време – од неколку месеци, може да се примени законот.

Француската министерка за дигитализација, Ан Ле Хенанф го бранеше краткиот рок за примена на одредбите со тоа дека „алатките за проверка на возраста веќе постојат“.

Потегот на француските власти доаѓа во период кога и Европската Унија и Велика Британија развиваат планови за ограничување на пристапот до социјални мрежи на младите.

Претходно, во декември 2025 забрана за пристап до социјалните мрежи на лица помлади од 16 години воведе и Австралија. Но, пишува Би-би-си, иако забраната е воведена јавна тајна е дека многумина продолжуваат да ги користат овие платформи.

Во март, австралиската Комисија за е-безбедност објави дека седум од 10 деца под 16 години кои имале сметка на социјалните медиуми пред забраната сè уште имаат „одреден пристап“.