Притвор доби осомничениот за шестиот фемицид годинава

Објавено:

Убиената 48 годишна жена од Таор е шеста жртва на фемицид годинава, а осомничен за убиството е нејзиниот интимен партнер- сопругот. Обдукцијата потврди дека смртта била насилна со давање. Жената умрела од задушување. А тој смислил приказна и наредниот ден им кажал на пријателите дека ја сонил и побарал помош од пријатели да дојдат со него да ја „спаси“.

Кривичниот суд му додели 30 дневен притвор за осомничениот 51 годишен маж за убиство на својата жена. Тој беше приведен на 27 јуни откако во полицијата заедно со уште тројца пријатели пријавиле дека го пронашле телото на исчезнатата жена во непристапен шумски терен.

Обвинителството отвори истрага за убиство со умисла против него под сомнение дека на 25 јуни, во атарот на селото Летевци убиството го сторил давење. Осомничениот вечерта со автомобил ја зел жената од работа и ја однел на тешко пристапен терен каде физички ја нападнал.

„Со дел од неговото тело силно ја притиснал на вратот, а истовремено и ги држел затворени устата и носот за да не може да дише. Жртвата пружала отпор и се бранела, но не успеала да се оттргне и се задушила и починала на лице место“, се вели во соопштението на Обвителството.

Осомничениот го скрил нејзиното тело под гранки помеѓу дрвја, а утредента во полиција пријавил дека неговата сопруга е исчезната.

„На 27 јуни, на тројца познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената, бидејќи му се појавила во сон и му кажала каде да оди за да ја спаси. Сите со возило се упатиле кон локацијата каде го забележале телото на жената и пријавиле во полиција“, е наведено во соопштението.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Јавниот обвинител оцени дека во конкретниот случај постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и околности кои го оправдуваат стравот дека тој би можел да стори ново кривично дело.

„Обвинителството особено го имаше предвид видот и тежината на кривичното дело, како и начинот на неговото извршување кој вклучува претходен период на планирање, но и временски период по настанот во кој осомничениот го прикривал телото на оштетената, истовремено создавајќи привидна слика на загрижен сопруг кој активно учествува во нејзиното барање и обидувајќи се да си создаде алиби за да избегне кривичен прогон и затоа побара од Кривичниот суд определување мерка притвор”, се вели во соопштението од Обвинителството.

Пред само еден месец, битолското обвинителство отвори истрага против 33 годишен маж за убиство на поранешна вонбрачна партнерка со која имал четири заеднички малолетни деца.

Претходно, јавноста ја потресе смртта на Ивана и Катја Јовановски. Самоубиството на мајката која со себе ја повлекла и ќерката биле причинети од долготрајно семејно насилство од страна на сопругот и таткото, утврди судот.

Активистите за човекови права велат дека фемицидот започнува многу порано од финалниот чин на насилство, „долго пред последниот удар од насилникот“. Во јануари јавноста дозна за убиствата на Росица Коцева и Рамајана Асан кои во континуитет трпеле насилство од партнерите.

Во почетокот на март 2026 година, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предупреди дека институциите кои не реагираат навреме на пријавите за семејно насилство стануваат пасивни соучесници. Дел од овие случаи беа и повод за масовните протести за 8 Март во Скопје.

Последниот случај доаѓа во време кога организациите што работат на заштита од родово базирано насилство предупредуваат дека Македонија сè уште нема доволно ефикасен систем за превенција на фемицидите.

Според податоци на Министерството за внатрешни работи, во период од пет години во државата се евидентирани 26 случаи на фемицид, додека само во текот на 2025 година 4.745 жени пријавиле семејно насилство, што е највисока бројка досега.

Македонија се наоѓа на третото место во Европа по бројот на фемициди, како најекстремен вид на родово базирано насилство. Податоците кои ги објави Евростат, а кои се однесуваат на 2023 година, покажуваат дека пред нас се само Литванија и Латвија.

Фемицидот се разликува од останатите убиства, бидејќи зад него се крие родова мотивација, а жената е убиена затоа што е жена. Вака квалификуваниот обид за убиство влезе во македонскиот Кривичен законик во 2023-та година, иако како термин не постои никаде во него.Сепак, членот 123 препознава лишување од живот при вршење семејно насилство, како и „лишување од живот на жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство“ – дела за кои е предвидена затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Македонија е една од првите во регионот која го препозна фемицидот како кривично дело, но сепак земји како Грција и Црна Гора се вбројуваат меѓу оние со ниска стапка на убиени жени, главно од нивните интимни партнери.

Невладините организации со години предупредуваат дека зад секој фемицид најчесто претходат закани, психолошко или физичко насилство и пропусти во проценката на ризикот. Според нив, фемицидот ретко е „ненадеен чин“, туку последица на насилство кое често останува незапрено.

Дополнително, во првото тримесечје од 2026 година биле евидентирани 391 нови жртви на семејно и родово базирано насилство, од кои 284 биле жени, а речиси сите сторители биле мажи.