Обвинителството почна истрага за фемицидот во Битола

Објавено:

Основното јавно обвинителство од Битола ќе спроведе истражна постапка против 33-годишниот битолчанец, за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело Убиство при вршење семејно насилство, квалификувано според член 123, став 2, точка 2 од Кривичниот законик.

Обвинителссвото соопшти дека осомничениот ја лишил од живот неговата поранешна вонбрачна партнерка со која имал четири заеднички малолетни деца.

Откако се осигурал дека нејзиниот татко не е во домот во кој живеела жената, осомничениот влегол во куќата додека спиела, се доближил до жртвата и и нанел десетина убоди со нож во телото, од кои таа веднаш починала.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, информираше Обвинителството.

Убиството во Битола се случи вчера утрото, по што Министерството за внатрешни работи соопшти дека жртвата била на 31-годишна возраст.

Лекар од екипата на Итната медицинска помош, која веднаш пристигнала на повикот, констатирал смрт како последица на тешките повреди нанесени со нож, а населбата Баир била обезбедена од полицијата.

Граѓанските организации обединети во Мрежата за заштита од дискриминација го осудија овој случај на фемицид (најекстремна форма на родово базирано насилство) и предупредија дека „ова е уште еден аларм дека Македонија станува сè поопасно место за живеење за жените.

Загрижувачкиот пораст на фемициди и случаи на семејно и родово базирано насилство во 2026 година покажува дека институционалната заштита е недоволна, а системот потфрла да ги препознае и спречи ризиците навреме – се вели во писмената реакција на организациите.

Тие наведуваат дека „и покрај постојаните измени на закони, стратегии и политики, во практика нема суштинско подобрување во заштитата на жртвите“.

Организациите бараат итна, темелна и транспарентна истрага за случајот во Битола, вклучително и проверка дали претходно имало пријави за насилство или сознанија кај институциите. Доколку се утврдат пропусти, бараат индивидуална одговорност и санкции за секое службено лице што не постапило согласно законските обврски.