Папата Лав XIV денеска ја започнува посетата на Франција

Објавено:

Целта на посетата на Папата на Франција е да го обнови угледот на Католичката црква по скандалот со злоупотребите, а се очекува повторно да повика на донесување глобални правила за развојот на вештачката интелигенција и да ја изнесе својата визија за иднината на Европа.

Се очекува папата да привлече голем број луѓе за време на посетата од 25 до 28 септември, која ги вклучува Париз и познатото католичко светилиште Лурд, во југозападниот дел на земјата. Папата ќе го посети и Мец, град на границата со Германија кој одиграл клучна улога во создавањето на Европската Унија.

Околу 600.000 луѓе се регистрирале за учество на отворената миса со папата Лав XIV в сабота во центарот на Париз, а се очекува толпата да се протега долж познатата авенија Шанзелизе.

На врвот на агендата на папата ќе бидат средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и други лидери во Елисејската палата, како и со вработените во седиштето на УНЕСКО, агенцијата на ОН за култура и образование.

УНЕСКО се соочува со буџетски дефицити откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година ги повлече САД од организацијата.

Првиот американски папа го налути Трамп оваа година кога го критикуваше војната во Иран.

Се очекува папата, кој ризиците поврзани со вештачката интелигенција ги стави во центарот на своето папство и ги повика светските лидери да донесат глобални правила за надзор над индустријата, да зборува за ова прашање токму во УНЕСКО.

Лав е првиот папа кој официјално ја посетува Франција по речиси 20 години.

Француската турнеја на папата ќе заврши во Мец во недела со говор за корените на Европа, мирот и единството.

Макрон ги повика лидерите на сите 27 земји членки на ЕУ да присуствуваат, но засега не е познато кој ќе дојде. Според медиумските извештаи, на настанот би можел да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.