Мицкоски од ОН: Македонија нема да игра на „стратешка двосмисленост“

Објавено:

Македонија нема да избере „стратешка двосмисленост“ во свет во кој повторно се заострува конкуренцијата меѓу големите сили, земјата останува цврсто позиционирана во НАТО, стратешкото партнерство со САД и определбата за полноправно членство во Европската Унија. Ова беше една од централните пораки на премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред 81. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Ваши екселенции, ние сме мала земја. Но, одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција. Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија треба да биде „доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите“ и држава „што ја знае својата историја, но не е заробена во неа“.

„За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност“, порача премиерот.

Говорејќи за глобалните промени, Мицкоски оцени дека светот влегува во период на поостра конкуренција и прераспределба на моќта, во кој економијата и безбедноста сè потешко можат да се разгледуваат одвоено.

„Светот што се обликува пред нас е свет на поостра конкуренција. Моќта се прераспределува“, рече Мицкоски.

Според него, односите меѓу големите сили сè повеќе ги определуваат трговијата, технологијата, енергетиката, критичните суровини, транспортните правци и дигиталната инфраструктура. Во новите геополитички услови, рече тој, државите повеќе не се прашуваат само каде производството е најевтино, туку и кому можат да му веруваат, од каде ќе добиваат енергија во време на криза и кој ќе ги поставува правилата за технологиите на иднината.

„Глобализацијата не исчезнува. Таа се преобликува. Синџирите на снабдување се менуваат. Производството повторно станува геополитичко прашање“, порача премиерот.

Во такви околности, Мицкоски ја дефинираше и позицијата на Македонија.

„Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба“, додаде тој.

Според премиерот, овие три позиции не претставуваат одвоени политики, туку „една геополитичка ориентација“, заснована врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.

„Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност“, рече Мицкоски.

Јасната сојузничка ориентација, според него, сепак не треба да значи прекин на комуникацијата и соработката со државите кои имаат различни интереси и политички позиции. Напротив, рече Мицкоски, држава која е сигурна во сопствените демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара со земји со поинакви погледи.

„На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок“, рече Мицкоски.

Мицкоски во говорот се повика и на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и принципот од Повелбата на Обединетите нации „Ние, народите, а не ние, моќните. Не ние, победниците“. Тој посочи дека во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури, како што вели, и кога е разочарана од неа.

„Затоа што алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја. Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но никогаш не е стабилен, за да ја нагласи важноста на меѓународниот поредок заснован врз правила и за помалите држави. рече Мицкоски во својот говор.

Мицкоски предводи владина делегација во САД на годишното заседание на ОН. Покрај ова обраќање, тој оствари средби и учествуваше на форуми (како бизнис и геополитичкиот самит Concordia), каде што акцентот беше ставен врз евроинтеграциите, безбедноста и привлекувањето инвестиции. Говорот доаѓа во момент кога Македонија се соочува со застој на патот кон ЕУ поради барањата за уставни измени.