Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во рамките на посетата на САД, имал повеќе средби со претставници на американски институции, Конгресот и економскиот сектор, на кои во фокусот биле продлабочувањето на стратегиското партнерство меѓу двете држави, како и отворањето нови можности за економска и инвестициска соработка.
Како што соопшти владата, Мицкоски се сретнал со Керолајн Вик, главен директор за политики и вршител на должноста главен директор за развој во Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање – DFC, со конгресменот Кејт Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД и со конгресменката Клодија Тени, копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД.
Серијата средби во Вашингтон претставува продолжување на заложбите за зајакнување на стратегиското партнерство со САД, но и за негово преточување во конкретна економска соработка, нови инвестиции и проекти од интерес за нашата држава, се вели во соопштението.


