Трамп укинува речиси милијарда долари одобрени од Конгресот

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп укинува речиси милијарда долари средства за трошење што биле одобрени од Конгресот – соопшти Белата куќа во петокот, користејќи ретко применувано и спорно овластување за укинување на финансирањето за услуги за имигранти и иницијативи насочени кон различноста.

Канцеларијата за управување и буџет на Трамп го опиша кратењето на средствата како насочено кон „најштетното владино трошење“ – објави британски Гардијан.

Најголемиот дел од кратењата се однесуваат на услуги за имигранти, вклучително и непрофитни организации кои им помагаат на бегалци и малолетници без придружба, за кои се тврди дека се наоѓаат во земјата незаконски. Администрацијата вели дека средствата повеќе не се неопходни бидејќи бројот на незаконските преминувања на границата значително се намалил.

Новинската агенција Асошиејтед прес (АП) објави дека според Белата куќа, претседателот Доналд Трамп се повикува на овластувањата согласно Законот за контрола на буџетските средства (Impoundment Control Act) за да спроведе таканаречено „џебно укинување“ (pocket rescission) на средствата, правно спорен потег што Трамп го употреби и во 2025 година за да повлече милијарди долари од веќе одобрените средства наменети за програми за странска помош.

Врховниот суд практично дозволи тоа укинување на средствата да продолжи со тоа што ја суспендираше одлуката на понискиот суд од септември минатата година, со која се бараше тие средства да бидат ставени на располагање, но нагласи дека „одлуката не треба да се толкува како конечна одлука за основаноста“ на укинувањето на средствата.

Таканаречените „џебни укинувања“ (pocket rescissions) се случуваат кога претседателот бара од Конгресот да укине одобрени средства додека се приближува крајот на фискалната година, според Владината канцеларија за отчетност (ГАО).

Иако Конгресот мора да ги одобри укинувањата, тој има само 45 дена да одговори.

„Кога нема доволно време за разгледување на ова барање или средствата да се искористат пред да истечат, претседателот ја заобиколува надлежноста на Конгресот врз владиното финансирање“, наведува ГАО.