Гугл го планира првиот тест на чипови за вештачка интелигенција во вселената

Објавено:

Гугл сака да ја пренесе вештачката интелигенција во вселената. Овој потег е дел од поширок план во технолошката индустрија, во кој учествуваат и милијардери како Илон Маск, за лансирање сателити кои би можеле да функционираат како лебдечки центри за податоци. Идејата е дополнителниот простор, ладењето и енергијата од Сонцето да овозможат нов начин за напојување на системите за вештачка интелигенција – објави британскиот весник Индипендент.

Гугл соопшти дека следната недела ќе лансира прототип на сателит, во рамките на својот прв тест во орбитата на Project Suncatcher — истражувачки проект чија цел е да испита дали вселената би можела да се користи за сместување на инфраструктура за компјутерска обработка со вештачка интелигенција од големи размери.

Компании како SpaceX и Starcloud исто така развиваат планови за поставување центри за податоци во ниската орбита на Земјата.

Целта е да се искористи речиси непрекинатата сончева светлина за напојување на енергетски интензивната компјутерска обработка потребна за вештачката интелигенција и на тој начин да се избегнат ограничувањата на копнената инфраструктура поврзани со снабдувањето со електрична енергија.

По лансирањето, прототипот на сателитот ќе биде испратен во ниската орбита на Земјата, носејќи ТПУ – специјализирани чипови на Гугл за обработка на задачи со вештачка интелигенција со цел да се процени дали чиповите за вештачка интелигенција можат сигурно да функционираат во вселената, јави новинската агенција Ројтерс.

Вселенското зрачење може да ја наруши работата или да ги оштети електронските компоненти, меѓу другото предизвикувајќи и грешки во податоците познати како  „превртување на битови“— промени на вредноста на поединечни битови.

Гугл соопшти дека ги тестирал своите ТПУ при извршување задачи поврзани со вештачка интелигенција во објект на Универзитетот на Калифорнија во Дејвис, но дека биле потребни тестирања во орбитата за да се утврди како хардверот функционира во вистинската вселенска средина.