Мислам дека напредокот ви е потребен вам, на вашата земја, за да се движите понатаму и да се развиете во модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите во Европската Унија еден ден или не. Ова е денешната порака од австрискиот европратеник Томас Вајц на Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“, кој го организираше Групата за поддршка на демократијата и координација на избори на Европскиот парламент, во соработка со Собранието.
Вајц истакна дека напредокот на земјата не треба да се гледа исклучиво низ призмата на нејзиното членство во Европската Унија, туку пред сè како процес што треба да обезбеди модерно и демократско општество, како и подобри услови за живот на граѓаните. Во спротивно, рече, граѓаните ќе го бараат подобриот живот на друго место.
– Дали напредокот нам ни е потребен во Европската Унија? Не, мислам дека напредокот ви е потребен вам, за вашата земја, да се движите понатаму, да се развиете модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите на Европската Унија еден ден или не … Ако не успеете да го понудите тоа на граѓаните, тогаш граѓаните ќе го бараат тој подобар живот на друго место, а тоа ни прави голем проблем. Ако ние не ги адресираме проблемите и не зборуваме за пречките, за тешкотиите со кои се соочуваме, за негативните страни и за сè тоа што се случува во Македонија, проблемите нема да исчезнат – посочи Вајц.
Како важни теми за кои, според него, треба отворено да се разговара ги посочи животната средина, квалитетот на воздухот, дивите депонии, рециклирањето, пречистителните станици, рударството и шумарството.
Се осврна и на владеењето на правото, оценувајќи го како еден од темелите на функционирањето на државата, како и на демократските процеси и учеството на граѓаните.
„Јас верувам дека единствено земја којашто се грижи за основните работи – чист воздух, вода, за добри услови на живот, исто така напредува и економски. Сето тоа има директно економско влијание. Тоа е во секој систем што ви го дефинира секојдневниот живот, тоа е исто така и владеење на правото, дали законот се применува за сите на ист начин или пак зависи колку сте богат и од каде доаѓате. И за тоа треба да зборуваме“, оцени Вајц.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши истакна дека полноправното членство во ЕУ е јасна стратешка определба на Македонија, која треба да биде надпартиска и долгорочна, но оти европскиот пат не може да биде успешен ако се води само од институциите.
Нагласи дека граѓаните треба постојано да учествуваат во креирањето на политиките и да бараат одговорност од институциите и порача дека европската агенда треба да стане граѓанска агенда, додека европските стандарди да станат реалност за граѓаните.
Словачкиот европратеник Бранислав Ондруш, пак, зборувајќи за потребата од поголемо учество на граѓаните во политичките процеси, го истакна значењето на неговото новинарско и синдикално искуство.
Тој нагласи дека податоците, статистиките и анализите се важни во креирањето политики, но оти не се доволни за целосно разбирање на потребите на граѓаните.
„Иако е важно да се работи со податоци и соодветна анализа на податоците, тоа не е доволно за да се знае што им треба на луѓето. И затоа за мене е важно да се води политика не само за луѓето, туку и со луѓето исто така“, рече Ондруш.


