Трамп побара оставка од амбасадорката во Грција, Кимберли Гилфојл

Објавено:

Белата куќа денеска објави дека побарала од американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, да поднесе оставка, по медиумски обвинувања за нејзино несоодветно однесување додека е на амбасадорска функција.

„Ја замоливме амбасадорката Гилфојл да поднесе оставка. Таа беше многу важен дел од нашиот тим и ѝ посакуваме се најдобро“, изјави портпаролката на Белата куќа, Кејти Закари, на прес-конференција, пренесоа британските медиуми.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека ја разгледува можноста за замена на Гилфојл, со проценка дека не се задоволни од нејзината работа.

Американските конгресмени претходно изразија загриженост во врска со тврдењата дека Гилфојл можеби се заканила дека ќе го искористи влијанието на САД за да изврши притисок врз грчката влада.

Исто така, имаше бројни извештаи за нејзино наводно несоодветно однесување, во кои се тврди дека Гилфојл, која четири години беше верена со најстариот син на Трамп, Доналд Трамп помладиот, добивала раскошни подароци како амбасадор и барала пари за да договори средби со личности од американската администрација.

Амбасадата на САД во Атина не одговори веднаш на барањето за коментар упатено до Гилфојл.