Со 59 гласа „за“, три гласа „против“ и без воздржани пратениците ја изгласаа потребата од носење по скратена постапка на Предлогот законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кој е дел од реформската агенда. По гласањето, потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, ги задолжи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како матично работно тело, и Законодавно-правната комисија да заседаваат по предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
За власта ова е дел од евроинтеграциите, за опозицијата на шверцерски начин се носи Изборен законик со кој се воведува „цензура во изборниот процес со казни до осум илјади евра.
Опозициската СДСМ најави 10.000 амандмани за Изборниот законик, за да спречат, како што велат, носење на криминален закон.
„Нема да дозволиме изборна кражба.10.000 амандмани спремни“, напиша попладнево лидерот на СДСМ Венко Филипче објавувајќи фотографии од пратеничката група на СДСМ.
СДСМ, која се повлече од работната група за Изборниот законик, има забелешки на неколку точки, бидејќи содржи решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес.
Филипче го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека власта се обидува да воспостави контролиран систем по примерот на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Ваков закон ова Собрание не смее да донесе. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес, а не вака контролиран како што Христијан Мицкоски тргнал да воспоставува по примерот на неговиот ментор, очигледно идол, Никола Груевски. Ние овој закон во Собранието ќе го блокираме“, изјави Филипче на прес-конференција.
Премиерот Христијан Мицкоски во објава на социјалните мрежи реагираше на најавените блокади на измените на Изборниот законик од страна на опозицијата.
„Исплашени се дека, по декемврискиот извештај, сега и во јунскиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан повторно ќе бидеме најдобри… Но, имам лоша вест за нив: Македонија ќе ве победи вас и вашите блокади“, напиша премиерот, додавајќи дека законот кој сега е блокиран бил договаран со месеци и дека владејачкото мнозинство ги прифатило сите предлози на опозицијата. Единственото барање од страна на Владата било да се овозможи електронско гласање за дијаспората уште на следните претседателски избори.
Претседателот на СДСМ образложи три решенија во предложениот текст кои, според партијата, отвораат сериозни сомнежи за фер изборен процес. Првата се однесува на барањето иселениците да гласаат електронски пред компјутер, без јасни механизми за проверка на идентитетот, отвора огромен ризик од масовни манипулации. Втората забелешка се однесува на уназадување на тајноста на гласањето. Филипче изјави дека наместо досегашното заокружување на бројот пред кандидатот, предлогот дозволува и поинакво означување на гласачкото ливче. Тој потсети на минатото кога поранешни функционери бараа од гласачите да заокружуваат со „триаголници“ за да се врши партиска контрола врз нивниот глас. Според него третата забелешка се однесува на приговорите за нерегуларности да се земаат предвид само ако се внесени во записниците на самите гласачки места.
„Тоа значи дека доколку некој член на изборен одбор одбие да внесе забелешка, Државната изборна комисија (ДИК) нема да има законска основа да го разгледа целокупниот изборен материјал“, изјави Филипче.
Мицкоски во својата објава на социјалните мрежи ја повика опозицијата да предложат амандмани за корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори, кои, како што вели, Владата експресно ќе ги прифати.
„Да ги повлечат останатите амандмани со кои се врши блокада. Заеднички да се изгласа новиот Изборниот законик“, е наведено во повикот на Мицкоски.
Милошоски, пак, претходно изјави дека за измените се разговара веќе четири месеци во рамки на работната група во Министерството за правда, во која учествуваа претставници на сите партии освен СДСМ, кој почна, а потоа се повлече од работната група.
„Во рамките на овие дискусии се согласивме за околу 28 препораки на ОДИХР, кои беа консензуално прифатени. Во работната група во Министерството за правда за ниедна една тема немаше надгласување и секогаш сè одеше со усвојување на нормите или препораките на ОДИХР со консензус. Ќе имаме можност да ги дискутираме тие работи и за време на собраниската и за време на комисиската седница“, рече Милошоски образложувајќи го предлогот.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пак, рече дека работната група при Министерството за правда не постигнала консензус за предложените измени на Изборниот законик, а учеството на Левица во овој процес во ниту еден случај не значи согласност со понудените решенија. Апасиев нагласи дека Левица од самиот почеток барала носење на целосно нов Изборен законик наместо парцијални решенија, додавајќи дека Министерството за правда мора да ја преземе целата одговорност како предлагач.
Според лидерот на Левица, во работната група останале пет прашања што не биле затворени – условите за независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање на дијаспората, државното финансирање на изборните кампањи и билбордите, како и воведувањето една изборна единица. Во делот на државното финансирање на кампањите, Апасиев рече дека предлогот ги задржува решенијата кои претходно биле оценети како спорни и од страна на ОБСЕ.
„Повторно за сите има средства, освен за Левица, што претставува класична политичка дискриминација. Со двајца пратеници Левица добиваше повеќе средства отколку денес со шест пратеници. Тоа нема никаква разумна логика“, изјави Апасиев.
Изборниот законик е менуван над 30 пати во последните три децении, и во ниту една измена до сега во целост не се вметнати забелешките од набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР. Набљудувачите по секои избори наведуваат низа забелешки, за кои како што изјави неодамна поранешниот претседател на Државната изборна комисија Борис Кондарко, нема политичка волја да се сместат во целосно нов Изборен законик.


