Путин призна дефицит на енергенси по украинските напади

Објавено:

Рускиот претседател Владимир Путин призна дека Русија се соочува со недостиг на енергија, што предизвикува големи проблеми за граѓаните и за индустријата.

„Добро ви е познато дека проблемите за возачите и за бизнисите сè уште траат. За жал, сè уште има редици на бензинските пумпи“, рече Путин на 28 јуни.

„Мораме да го намалиме на минимум влијанието на терористичките напади врз нашите цивилни цели и инфраструктура“, изјави тој, веројатно мислејќи на украинските напади со дронови длабоко во руска територија насочени против клучната енергетска инфраструктура.

Украинските напади со дронови беа насочени кон нафтени терминали, рафинерии и гасоводи. Најмалку 17 региони воведоа задолжителни ограничувања за продажба на бензин и дизел, а десетици други известуваат за недостиг или ограничувања од страна на приватните компании за гориво.

Путин ова го изјави на состанок со високи функционери на владејачката партија Единствена Русија, а слични коментари даде и во интервјуто објавено набрзо потоа од страна на Кремљ. Тој во интервјуто се обиде да ја намали сериозноста на кризата.

„Што се однесува до нападите врз критичната инфраструктура воопшто, а особено врз енергетската инфраструктура, секако дека овие напади врз нашите инфраструктурни објекти создаваат проблеми, тоа е очигледно. Во моментов забележуваме одреден недостиг, но тој не е критичен“, изјави Путин во интервјуто објавено на државата телевизија.

Видеата објавени на интернет прикажуваат лути возачи кои чекаат во редици на бензинските пумпи, често влегувајќи во жестоки расправии со другите возачи.

„Се разгледува потребата од воведување целосна забрана за извоз на дизел гориво“, рече тој на состанокот.

Неколку часа пред говорот на Путин, во украински напад со дрон загина едно лице и избувна пожар во рафинерија во јужниот руски регион Краснодар, напиша регионалниот гувернер Венијамин Кондратјев на Телеграм. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече нападот дел од „операциите кои ја слабеат способноста на Русија да ја води оваа војна“.

„Погодена е рафинеријата за нафта Славјанск во Краснодарскиот регион, на околу 300 километри од линијата на фронтот. Стигнавме и до рафинерија во Јарославската област, на приближно 700 километри од нашата граница“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х.

На 25 јуни, Зеленски изјави дека одобрил 40-дневна воена операција на безбедносната служба на земјата за „да се влијае врз државата агресор со цел да се издејствува крај на војната“, во период кога напорите за посредништво поддржани од САД изгледа дека пропаѓаат.

Во интервјуто, Путин рече дека очекува тим од американски преговарачи да отпатува за Москва штом Вашингтон ќе постигне договор со Иран околу војната на Блискиот Исток.