Силниот дожд попладнево во Скопје, кој траеше речиси еден час, ги наполни скопските улици со вода. На социјалните мрежи се објавуваат видеа од возила кои минуваат низ поплавени улици, а возачи споделуваат информации кои улици да се одбегнуваат.
Во краток временски период падна поголема количина дожд, поради што на одредени улици се создадоа наслаги вода, а сообраќајот се одвиваше со забавено темпо. Возачите беа принудени да се движат повнимателно, додека пешаците се соочија со поплавени тротоари и коловози на повеќе локации.
Невремето беше проследено и со силен ветер, а во делови од Скопје имаше и појава на град. Ваквите временски услови дополнително ја усложнија состојбата на терен, особено во деловите каде што атмосферската вода потешко се одлеваше.
Според објавите на социјалните мрежи, Кисела Вода има најмногу поплавени улици, а за тоа граѓаните го информираат скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиески преку таканаречен „таг“ на профилот на градот Скопје, кој пред да седне на функцијата беше градоначалник токму на општината Кисела Вода.

Градоначалникот Ѓорѓиевски на својот профил на социјалните мрежи информира дека поради силното невреме кое во текот на денешниот ден го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција.
„Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно.
Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети“, се вели во неговиот пост.


