Од „Венко, ти си на потег“ до „Партијата не е на продажба“ – битката во СДСМ на отворена сцена

Објавено:

Платформата што бара промени во СДСМ – „Разговори за иднината во 12:05“ доставија писмени предлози до раководството на СДСМ за структурни промени, барајќи неотповиклива оставка од лидерот Венко Филипче. Од Бухаќка, пак, им одговорија со потсмев и иронија порачувајќи им дека „партијата не е на продажба“ и „СДСМ не се предава на аванс“.

Што бара Платформата?

Покрај неотповикливата оставка, од „Разговори за иднината во 12:05“ бараат итен избор на кредибилна и непристрасна работна група што ќе подготви план за санација и темелни внатрешни реформи, како и ревизија на изборот и мандатниот статус на актуелните делегати на Конгресот и одржување на вонреден конгрес на кој би се направиле статутарни измени. Исто така, бараат организирање фер, слободни и демократски внатрепартиски избори.

„Откако членството со полн демократски легитимитет ќе избере нов раководен тим, во најкус можен рок ќе се пристапи кон следните чекори“, велат од Платформата.

Меѓу следните чекори што тие ги наведуваат се: нова стратегија со прецизен акциски план за привлекување на младите; стратегија за активирање на пасивизираните членови и будење на општинските организации; дефинирање на нови програмско-идеолошки наративи и партиски политики на централно и локално ниво; како и градење визуелен идентитет кој силно ќе симболизира дисконтинуитет од погрешните политики на сите минати партиски раководства од основањето на СДСМ до денес.

Обраќајќи му се директно на Филипче тие му порачуваат:

„Другар, Венко, ти си на потег. Ако продолжиш и понатаму да ја игнорираш реалноста ќе го однесете СДСМ во драматичен пораз од кој ќе биде прашање дали некогаш ќе може да се опорави. После повеќе годишно министерување во Владата на СДСМ и претседателствување со партијата, минимум што им должиш на чесните и посветени членови е на заминување да покажеш доблест и политичка големина и дури на своја штета да ја разбиеш широко раширената перцепција во јавноста дека не сте пазарени на вака неспособното ВМРО-ДПМНЕ со сторување и не-сторување да му изработите уште една победа на парламентарни избори, без разлика кога ќе се одржат“.

На дописот, како што може да се види од фотографиите, потпишани се 17 партиски членови, од кои некои поранешни високи функционери во партијата, но и државни функционери. Меѓу нив се веќе препознатливите лица на Платформата што бара реформи во СДСМ, како што се: Игор Ивановски, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Никола Ќурчиев, Стојко Пауновски, Милена Стевановиќ … На списокот е и актуелната пратеничка и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска.

СДСМ со потсмев и свое „толкување“ на барањата

Нивното обраќање до Филипче, од партиската централа на Бихаќка го објавија јавно наведувајќи дека стигнало „писмо од платформата ЗНАМ 2.0.“ нагласувајќи дека во заглавјето пишувало „доверливо“.

„Не стигнавме ниту да го прочитаме писмото, а тие веќе се сликаа и го објавија на своите (ВМРО-ОКГ) медиуми. Толку за ’доверливоста‘. И нас би ни било срам да го напишеме ова од декември, со сите ветувања. Така што за нив подобро било да биде доверливо, за да не го видат другите. Нема потреба да биде доверливо. За разлика од нив, кај нас сè е транспарентно“, реагираа од СДСМ.

Во соопштението што го објавија од партиската централа, раководството наведува и свое толкување на барањата од Платформата кои, како што велат, „преведени на народен речник“ значат:

„Венко, препушти ја партијата. План немаме. Не знаеме ни како. Мораме да ја растуриме, зашто ја крена од мртвите. А и рејтингот и на тебе и на партијата сериозно ви порасна. Ги читавме резултатите на Мицкоски; Секој ден сè повеќе луѓе сфаќаат дека Мицкоски лаже и дека тој и ВМРО се банда што го пљачка народот; Мораме да пробаме да бидеме како ЗНАМ. Да ги исечеме опозициските гласови. Како што Максо го направи тоа. Мораме, зашто Андреј му должи на Орце. Шема – го знаете, има свои шеми. Славјанка се заглиби со Леонардо. Ќурчиев веќе се знае, 1,6 милиони евра; Извини, Венко. Нас нè има дури 17. За тебе гласаа повеќе од 18.000 членови. Ама биди другар. Покажи волја …“.

Од СДСМ потенцираат оти во прашање е допис со 17 потписи наспроти 18 илјади гласа што ги добил Филипче на внатрепартиски избори.

„Порака до Платформашите, шемаџиите, ЗНАМ 2.0 и другарите од анти-НАТО, анти-ЕУ и руската партија Левица: Партијата не е на продажба. СДСМ не се предава на аванс. За нас, СДСМ не вреди само 1,6 милиони евра, како за вас. Ние сме за Европа, за вистина и правда. Слободата на говорот, слободата на медиумите, демократијата, европскиот пат и иднината на нашата Македонија немаат цена!“, пишува во реакцијата од СДСМ.

Кој е виновен за падот на СДСМ?

На чекор јавно да бараат промени, истакнати членови на партијата се решија по повеќе месеци гласини во партиските кулоари дека се подготвува некакво движење или платформа што ќе бара реформи во партијата, по поразите на парламентарните и претседателските избори во 2024 и локалните во 2025 година.

За првпат, како платформа „Разговори за иднината во 12:05“, јавно огласи во јули соопштувајќи дека одржале дискусија на оваа тема. Втората рунда вакви разговори беше организирана минатиот викенд, на 26 септември.

Претставниците на оваа платформа сметаат дека партијата се наоѓа во незавидна ситуација поради повеќе причини. Тука ги наведуваат идеолошкото обезличување на СДСМ, кадровскиот дефицит, пасивизирањето на општинските организации, неискрената комуникација на Филипче како лидер, неспособноста да се адресираат вистински прашања, крајно погрешната медиумска стратегија и избегнување на неопходната потреба да се разберат пораките од искрените и разочарани членови на партијата.

Актуелното раководство на чело со Филипче, пак, смета дека успева да го враќа рејтингот на партијата и ја обвинува платформата за соработка со владејачката ВМРО-ДПМНЕ алудирајќи дека барањето за оставка и реформи во партијата доаѓа и во период кога СДСМ почнува да објавува скандали на власта. Филипче ги обвини и дека тие се лицата што всушност за „малку ќе ја погребеле партијата“.

„Ако знаат поинаку, што не направија поинаков. Ако сакаат да се вклучат, сега еве имаме избори во Брвеница. Ќе ги ставиме во распоредот па нека помогнат, ако сакаат вистински да помогнат на партијата. Ако не, нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги згазам како шлепер жаба“, рече Филипче на прес-конференција на 1 октомври.

Филипче за лидер беше избран во јуни 2024 на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на партијата на парламентарните и претседателските избори истата година.

На редовни внатрепартиски избори во април 2025 тој беше избран за нов четиригодишен мандат.