Барањето за враќање на пасошот на обвинетиот Марковски прво било одбиено, па одобрено

Објавено:

Основното јавно обвинителство информираше дека барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост кон бизнисменот Борче Марковски и конзул на Белорусија во Македонија, кој вчера преку граничниот премин „Табановце“ ја напушти државата, било поднесено до Основниот суд во Струга од страна на одбраната. Откако Основниот суд во Струга му го вратил пасошот по приложената гаранција над 5 милиони евра, Марковски заминал од Македонија.

За дел од медиумите неговиот адвокат Марјан Николоски изјави дека Марковски не е во бегство, туку на службено патување во Србија и дека за два дена ќе се врати во земјава.

Марковски како сопственик на „Марковски компани“ е меѓу осумттемина обвинети физички лица, а неговата компанија „Марковски компани“ како правно лице, за злоупотреби со тендери за дислокација на погонските станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола вредени 1,7 милиони евра.

„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.06.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“, велат од ОЈО.

Како образложение за таквата одлука наведуваат дека со дадената гаранција е намалена опасноста од бегство, а биле земени предвид и аргументите на одбраната дека Марковски мора да отпатува во Србија заради непречено работење на компанијата и потпишување деловна документација.

Од Обвинителството посочуваат дека сите околности поврзани со оваа одлука ќе бидат дополнително разгледани, но нагласуваат дека во моментов Марковски не се смета за лице во бегство и останува обврзан редовно да се јавува пред надлежниот суд.

Марковски беше упасен во октомври 2025, а од притвор беше пуштен во јануари 2026 со гаранција во износ од 303.879.265,00 денари или 4.9 милиони евра во недвижен и подвижен имот.