Апелација оцени дека Груевски не ги пречекорил овластувањата, ниту е докажано незаконско финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот случај во 2022 заврши со шестгодишна затворска казна за Груевски и конфискација на партиски имот, но по укинувањето на пресудата следуваше повторно судење и ослободување.
Овој предмет го водеше обвинителката Ленче Ристоска која си даде оставка, а како една од причините го наведе одземањето на ингеренциите за овој предмет од републичкиот обвинител Ненад Савески. Тој, пак, тврдеше дека предметот ќе останел кај Ристоска ако не си поднела оставка.
Апелацискиот суд во Скопје соопшти дека ја потврдил ослободителната пресуда во случајот „Талир 2“ што ја донесе првостепениот Основен кривичен суд за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Груевски се гонеше за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата седиштето на партијата Палатата „Христо Татарчев“, во јавноста позната и како „Белата палата.
Предметот го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, а по неговото згаснување го презеде Основното јавно обвинителство Скопје. Ослободителната пресуда беше донесена на 14 јули. Обвинителството се жалеше до Апелација, но второстепениот суд ја оценил жалбата како неоснована.
Судот, како што е наведено во соопштението, смета дека преземените дејствија на Груевски биле во рамки на неговите овластувања, а обвинителството немало докази дека тој постапувал спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.
„Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП Бетон имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту пак постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, тие средства да ги врати“, соопшти Апелација.
Од затворска казна и конфискуван имот на ВМРО-ДПМНЕ, до ослободителна пресуда
Во предметот „Талир 2“ обвинет беше и поранешниот генерален секретар на Кирил Божиновски.
Судскиот процес започна во август 2019 година. Предметот еднаш стигна до осудителна пресуда. Имено, Кривичниот суд на 7 јуни 2022, објави првостепена пресуда според која Груевски доби шест години затвор, а Божиновски условна казна. Според тогашната пресуда, требаше да биде конфискуван имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и седиштето на партијата и уште околу 30 други имоти.
Апелацискиот суд Скопје во јануари 2024 година поради измените на Кривичниот законик ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Застареност настапи за делото „злоупотреба на службената положба“ на Божиновски, додека гонењето продолжи за експремиерот Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа траеше до јули годинава, кога во повторената постапка Кривичен донесе ослободителна пресуда, која сега ја потврди и Апелација.
Обвинителката Ристоска даде оставка откако остана без „Талир 2“ – Савески негираше дека ѝ го зел предметот
Овој случај го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, а како обвинителка предметот го застапуваше ексобвинителката Ленче Ристоска.
Кога згасна СЈО, а обвинителите оттаму се вратија во своите матични обвинителства, Ристоска со овластувања од републичкото обвинителство остана надлежна за предметот.
Таа беше обвинител во Канцеларијата за врски со Европравда, но имаше овластувања сè додека новиот републички обвинител Ненад Савески не одлучи да ги повлече овластувањата за вакви предмети – каде обвинители од други обвинителства се надлежни за одредени предмети во други обвинителства. Савески, пак, го негираше ваквиот чекор конкретно за овој предмет.
Ова беше и една од причините поради кои Ристоска во април си поднесе оставка. Републикиот обвинител од своја страна тврдеше дека предметот „Талир 2“, сепак, ќе останел кај неа ако не си поднела оставката.
Двајцата влегоа во јавна полемика, па поранешната обвинителка изјави дека пред да поднесе оставка лично го информирала Савески оти повлекувањето на овластувањата за предметите по кои работела ќе биде причина за нејзино заминување.
„Неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука, но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“, рече Ристоска.
За ослободителната пресуда за „Талир 2“ што следуваше потоа, таа јавно ја отвори дилемата како истите докази може да доведат до две спротивни судски одлуки, потсетувајќи дека во 2022 година истиот суд донел осудителна пресуда.


