Кривичниот суд го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Талир 2“, односно за изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје познато како „Белата палата“, во кој Груевски беше обвинет за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата седиштето.
Судијката Даниела Алексовска, во објава на пресудата изјави дека за овој случај треба да се имаат предвид измените на Кривичниот законик (КЗ) од 2023, со кои настапи и измена на обвинението.
Предметот застарува за еден месец, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ е на чекор да го врати партиското седиште да не биде конфискувано од државата.
„Иако беа направени измени на обвинението промени во доказите и фактите изнесени пред судот немаше. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, рече Алексовска.
Во оваа ситуација Судот, посочи таа, во целост го прифатил ставот на Апелацискиот суд, а тоа е дека измените на КЗ се во директна корист на обвинетиот.
„Во оваа прилика, судот ќе истакне дека со секоја пресуда се испраќа одредена порака до поблиската и пошироката јавност. Во конкретниот случај, пораката е следна: Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, а како директна последица на која што беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатира Апелацискиот суд Скопје во второстепената одлука во овој предмет. Судот ќе истакне дека, и покрај тоа што оваа пресуда е сосема различна од претходно донесената во конкретниот предмет, сепак, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците изведени од страна на судот останаа непроменети. Така што, при постоење на истите докази, врз основа на кои судот претходно утврди дека е сторено предметното кривично дело со ‘искористување на службената положба и овластување’, цени дека при постоење на истите тие докази, не се докажа надвор од разумно сомневање дека делото е сторено со друг вид на дејствија, односно со ‘пречекорување на овластувањата’ и со ‘неизвршување на службената должност’“, кажа Алексовска.
Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата, а Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба пред повисоките судови.
Во април годинава, предметот „Талир 2“ го презема обвинителот Кристијан Смилевски од ОЈО Скопје, откако обвинителката Ленче Ристовска си поднесе оставка.
Од опозициската СДСМ преку соопштение реагираат дека со денешната одлука за предметот „Талир 2“, судството и обвинителството, како што наведуваат, му овозможиле на поранешниот премиер Никола Груевски да избегне одговорност, а на ВМРО-ДПМНЕ повторно да располага со својот партиски имот.
Во соопштението се вели дека Груевски, кој е правосилно осуден во друг предмет и се наоѓа во Унгарија, не се соочува со правдата бидејќи „Владата предводена од Христијан Мицкоски не презела неопходни чекори за негова екстрадиција“.
„Граѓаните гледааат како судството и обвинителството под контрола на Мицкоски го чисти Никола Груевски од одговорност за предметот Талир 2 и го одмрзнува криминалниот имот на ВМРО. По 8 години белата палата, вредна 14 милиони евра и останатиот партиски имот во вредност од 2 милиони евра се повторно во рацете на ВМРО“, соопштија од СДСМ.
Апелацискиот суд Скопје во јануари 2024 година поради измените на Кривичниот законик ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Застареност настапи за делото „злоупотреба на службената положба“ на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, а гонењето продолжи за експремиерот Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Кривичниот суд на 7 јуни 2022 година, објави првостепена пресуда според која поранешниот премиер во бегство Никола Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, а поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски доби условна осуда.


