Владејачката ВМРО-ДПМНЕ годинава својот роденден ќе го одбележи со голем настан на стадионот во Струмица. Град кој до минатите локални избори со децении беше еден од најсилните бастиони на опозициската СДСМ. Со последните избори во октомври 2025 година, градоначалник на Струмица стана Петар Јанков, кој функцијата ја презеде од поранешниот потпреседател на СДСМ Костадин Костадинов. Негов претходник беше поранешниот лидер на опозицијата и поранешен премиер Зоран Заев кој на чело на оваа општина беше од 2005 година до 2016 година.
Оваа година, симболично и политички значајно, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека токму во Струмица ќе го одбележи својот партиски роденден, потег што се толкува како порака за новата политичка реалност во еден од најпознатите „црвени“ градови во земјата. Минатата година јубилејниот 35 роденден владејачката партија го прослави во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје, каде се одржуваат најголем дел од нивните свечени и партиски одбележувања. Годината претходно, набрзо по спроведувањето на парламентарните избори, својот роденден го одбележаа во театарoт „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ во Велес, со свеченост насловена „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“.
За деновите по роденденот премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе започнат разговорите за реконструкцијата на Владата. Оваа изјава ја даде на 14 јуни по пуштањето во употреба на Домот за стари лица „ПУСЗ Оаза by Adora“ во Општина Илинден.
Мицкоски на 2 јуни годинава најави дека во втората половина на месецот ќе започнат преговорите за реконструкција на Владата, ден откако вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи си поднесе оставка од функцијата.
Во врска со тоа какви други промени ќе има, тогаш премиерот изјави дека се работи за динамичен процес и дека во моментот се посветени на внатрепартиските реорганизации и преструктуирања.
Актуелната Влада беше избрана на крајот на јуни 2024 откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните избори што се одржаа во мај истата година. Таа брои 23 вицепремиери и министри, плус премиерот Христијан Мицкоски. Четворица министри веќе ја напуштија Владата, а евентуалната реконструкција се очекува да се случи на половина од четиригодишниот мандат.
Во однос на најавите за предвремени парламентарни избори, Мицкоски денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ сака редовни избори, но ако биде предизвикана ќе оди на избори пред рокот и ќе победи.
„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат.“ Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ”, изјави Мицкоски.
За најавеното повлекување на Али Ахмети од лидерското место во ДУИ, Мицкоски посочи дека не би сакал да коментира внатрешни работи на партиите, како што не би сакал некој да ги коментира внатрешните работи во ВМРО-ДПМНЕ.
На последните парламентарни избори во мај 2024, ВМРО-ДПМНЕ по седум години во опозиција се врати на власт на централно ниво. Партијата направи коалиција со ВРЕДИ и ЗНАМ, испраќајќи ги во опозиција СДСМ, но и ДУИ која беше на власт околу две децении.


