Појасна слика за тоа како ќе изгледа Владата ќе добиеме во втората половина од месецов, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, ден откако вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи си поднесе оставка од функцијата.
„Во втората половина на јуни ќе седнеме со владините партнери и ќе разговараме за понатамошните чекори. Тогаш ќе се добие и појасна слика за идната структура“, рече Мицкоски.
Во врска со тоа какви други промени ќе има, премиерот изјави дека се работи за динамичен процес и дека во моментот се посветени на внатрепартиските реорганизации и преструктуирања.
„Планираме тие активности да ги завршиме до средината на јуни, а потоа, во втората половина на месецот, да седнеме со коалициските партнери и да разговараме за следните чекори“, додаде тој.
Актуелната Влада беше избрана на крајот на јуни 2024 откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните избори што се одржаа во мај истата година. Таа брои 23 вицепремиери и министри, плус премиерот Христијан Мицкоски. Четворица министри веќе ја напуштија Владата, а евентуалната реконструкција се очекува да се случи на половина од четиригодишниот мандат.
Во врска пак со најавите на СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче за нов закон за борба против корупцијата, со кој, како што посочуваат, ќе се врати довербата во правосудството, Мицкоски истакна дека тоа се истите луѓе кои, како што додаде кога биле на власт, ги направиле измените на Кривичниот законик, со кои се овозможи застарување дела и избегнување одговорност.
„Кои се тие луѓе, тоа се луѓето или дечињата на принцот на криминалот, кои за да се амнестира себе си и криминалот што го правеше, заедно со нив, неговите дечиња, кои сега си ги инсталираше во СДСМ, го смени Кривичниот законик и од него избриша неколку члена со кои што практично се амнестираше целокупниот криминал што го правеа како Влада,“ рече Мицкоски.
Во меѓувреме, според изјавите на опозицискиот лидер Венко Филипче, СДСМ подготвува Закон за нулта толеранција на корупцијата, кој според него ќе биде моделиран според естонското законодавство и ќе се темели на широка дигитализација на државните процеси.
Дополнително, се предвидува воведување електронска имотна декларација со проверка преку системи на вештачка интелигенција, заштита и наградување на пријавувачи на корупција, како и воспоставување јавен регистар на лица осудени за корупција. Граѓанин кој ќе пријави корупција би добил награда од 5 до 15 проценти од вратените средства, со цел целосна заштита на идентитетот и поттикнување на пријавувањето.


