Лидерот на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, најави дека ќе се повлече од претседателската функција во партијата и ќе се приклучи на ветераните. Тој ова го соопшти на синоќешното Изборно собрание на огранок на партијата во Куманово. Но, Ахмети не посочи кога точно ќе се повлече од лидерската позиција во партијата, туку само изрази желба дека сака да замине во ветерани.
„Нема да останам засекогаш претседател на партијата. Сакам да се приклучам на ветераните и да видам како ќе се борам како ветеран“, изјавил Ахмети, пренесуваат медиумите на албански јазик во земјава.
Ваквата изјава во македонските медиуми се толкува како сигнал за подготовка на новите генерации во ДУИ. Во говорот Ахмети посочил дека неговото повлекување нема да значи напуштање на политиката туку дека и натаму ќе како ветеран за албанската кауза.
Ахмети е на чело на оваа партија 24 години. Тој е единствениот политичар од независноста на Македонија кој толку долго останал лидер на една партија. Тој ја води ДУИ од нејзиното основање во во 2002 година. Пред да влезе во политиката, тој беше политички лидер на поранешната Ослободителна национална армија (ОНА), која учествуваше во вооружениот конфликт во Македонија во 2001 година.
По потпишувањето на Охридски рамковен договор во август 2001 година и разоружувањето на ОНА, Ахмети се вклучи во политичкиот процес за спроведување на договорот. Во јуни 2002 година ја формираше ДУИ, која на парламентарните избори истата година освои најголема поддршка кај албанскиот електорат и стана дел од владината коалиција.
Од формирањето на ДУИ во 2002 година до денес, Ахмети непрекинато е претседател на партијата, што го прави еден од најдолговечните партиски лидери во земјата. Во изминатите две децении ДУИ беше дел од повеќе владини коалиции, и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, при што партијата се позиционираше како еден од највлијателните политички субјект меѓу етничките Албанци во Северна Македонија.
ДУИ прв пат на власт дојде во 2002 година во коалиција со Социјалдемократски сојуз на Македонија која тогаш беше предводена од Бранко Црвенковски, а потоа со владата на Владо Бучковски. Во 2006-тата година замина во опозиција иако на парламентарните избори освои повеќе пратеници од ДПА кај албанскиот блок, тогашниот премиер Никола Груевски ја избра ДПА за коалициски партнер. Две години подоцна влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски. Оттогаш ( 2008-мата година ) до последниве избори во 2024 година, ДУИ беше дел од сите влади во овој период.


