Савески и Ристоска во спор околу надлежноста за Талир 2

Објавено:

Републичкото јавно обвинителство сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе поднесе жалба на ослободителната пресуда за случајот „Талир 2“. Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека прво мора да се добие писмена верзија на пресудата, по што ќе следи анализа на одлуката на Кривичниот суд. Станува збор за предмет кој по седум ипол години и со последната одлука на Кривичниот суд заврши со ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и со тоа ослободување на замрзнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ кој според обвинението бил нелегално стекнат.

„Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил обвинителството со својата одлука или не“, рече Савески.

Освен за евентуалната жалба, Савески се осврна и на критиките дека повлекувањето на овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска влијаело врз исходот на случајот. Тој ги отфрли таквите тврдења, наведувајќи дека повлечените овластувања се однесувале на предмети кои не биле во надлежност на обвинителството во кое работеле обвинителите, додека „Талир 2“ бил предмет во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје.

„Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот“, рече Савески.

Со ова не се согласува Ристоска, која вели дека изјавата на државниот обвинител не одговара на правната и фактичка состојба. Според неа, таа како обвинител за врски во Европравда можела да постапува по „Талир 2“ само врз основа на посебно овластување од државниот јавен обвинител.

„Предметот ‘Талир 2’ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски, во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет“, наведува Ристоска.

Таа додава дека пред да поднесе оставка лично го информирала Савески дека повлекувањето на овластувањата за предметите по кои работела ќе биде причина за нејзино заминување.

„Неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука, но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“, вели Ристоска.

Предмет за „Белата палата“ и конфискацијата

„Талир 2“ се однесува на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, познато како „Белата палата“. Обвинението тврдеше дека тогашниот лидер на партијата Никола Груевски го пречекорил службеното овластување и овозможил противправно финансирање на изградбата на објектот.

Во првичната постапка, Кривичниот суд во 2022 година го осуди Груевски на шест години затвор и одлучи да биде конфискуван имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и седиштето на партијата и уште околу 30 други имоти. Тогаш судијката Даниела Алексовска Стојановска оцени дека обвинетите како највисоки партиски функционери се издигнале над законот и дејствувале водени од теснопартиски интереси.

По жалба, Апелацискиот суд ја укина пресудата и предметот беше вратен на повторно судење. По четири години, смена на обвинителката која го застапуваше предметот и измените на Кривичниот законик од 2023 година, Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за Груевски.

Судот образложи дека измените на Кривичниот законик имале влијание врз предметот, а обвинителството не успеало надвор од разумно сомневање да докаже дека Груевски го сторил делото за кое беше обвинет.

Ристоска, пак, смета дека останува отворено прашањето како истиот доказен материјал може да доведе до две спротивни судски одлуки.

„Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донесе осудителна пресуда. Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода“, вели таа.

Според неа, суштината на предметот не е само евентуалната кривична одговорност на Груевски, туку и судбината на имотот за кој обвинителството бараше конфискација.

Предметот „Талир 2“ застарува за еден месец, што дополнително го отвора прашањето дали обвинителството преку жалба ќе се обиде да ја задржи можноста за одлучување за конфискацијата.

Ристоска тврди дека ослободителната пресуда директно влијае врз можноста државата да го задржи имотот.

„Со ослободителна пресуда отпаѓа и основата за конфискација во кривичната постапка“, наведува таа.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, оцени дека со пресудата е исправена неправда кон ВМРО-ДПМНЕ и повтори дека предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ биле дел од политички прогон, додека ослободителната пресуда за Груевски ја поврза со измените на Кривичниот законик од 2023 година.