Еврокомесарот за миграција, Магнус Брунер, оцени дека, со оглед на намалениот број на нелегални миграции и усвојувањето на новиот европски закон за азил, дојде време постепено да се укинат внатрешните гранични контроли во Европската Унија.
Австриецот Брунер во интервју за неколку новински агенции во Брисел изјави дека надворешните граници на ЕУ сега се многу подобро заштитени и дека бројот на нелегални преминувања драстично е намален, објави германската новинска агенција ДПА.
Според него, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) регистрирала повеќе од една третина помалку нелегални преминувања преку надворешните граници на ЕУ во првата половина од оваа година, а на 12 јуни стапи во сила реформата на европските правила за азил (ГЕАС).
Брунер истакна дека има и напредок и како пример го наведе укинувањето на граничните контроли меѓу Германија и Луксембург, како и меѓу Австрија и Словенија. Сепак, на неколку гранични премини од Холандија до Германија, контролите се речиси постојани, што создава километри долги редици на холандската страна.
Германија привремено воведе контроли на сите свои граници од септември 2024 година. Министерот за внатрешни работи, Александар Добринт, постојано ја продолжуваше и дополнително ја заоструваше одлуката на неговиот претходник, Ненси Фезер, од мај минатата година. Сегашното продолжување на мерката важи до септември.
Покрај Германија и Австрија, Данска, Франција, Италија, Холандија, Норвешка, Словенија и Шведска, исто така, воведоа привремени гранични контроли во Шенген зоната.


