Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Кина за мешање во изборите во 2020 година кои тој ги загуби од Џо Бајден и не го призна поразот.
Трамп сега објави дека декласифицирал разузнавачки документи за кои тврди дека го докажуваат кинеското мешање во претседателските избори во 2020 и го покрена прашањето за безбедноста на изборниот процес и покрај претходните заклучоци на американските разузнавачки служби.
За ова тој имаше 25-минутно обраќање до нацијата во кое тврдеше дека според документите, Кина на нелегален начин добила податоци за 220 милиони гласачи во САД – имиња, адреси и други информации, а ги обвини разузнавачите дека го прикриле обемот на овој инцидент.
Трамп, исто така, најави објавување на дополнителни податоци за кои рече дека откриваат „шокантни ранливости“ во изборната инфраструктура во САД.
Сепак, ваквите негови тврдења се во спротивност со проценката што ја дадоа разузнавачките органи на САД во 2021, а од која не произлегоа докази дека која било странска држава успеала да измени некако технички аспект на изборите во 2020, вклучувајќи ги тука и списоците на гласачи, гласачките ливчиња, пребројувањето или конечните резултати.
Тогаш проценката беше направена од тимот разузнавачи предводени од Џон Ратклиф кој во моментов е директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Кина веднаш реагираше преку својата амбасада во Вашингтон отфрлајќи ги обвинувањата од Трамп и порачувајќи дека „никогаш не се мешала и никогаш нема да се меша во претседателските избори во САД“.
Реагираа и демократите чиј сенатор Марк Ворнер оцени оти тврдењата на Трамп се целосно неосновани.
Трамп со години не може да се помири со тоа дека загуби на изборите во 2020 година од Џо Бајден. Тој тврдеше дека изборниот процес бил наместен иако низа судски комисии, ревизии и пребројувања не дадоа докази за изборна измама.
Тогашните негодувања од изборните резултати, доведоа и до насилниот упад во Конгресот на САД од поддржувачите на Трамп. Тој се случи на 6 јануари 2021, кога Конгресот требаше да ја потврди победата на Бајден. Нападот следеше по митинг на кој беа изнесени неосновани тврдења за изборна измама. Настанот беше широко осуден како сериозен напад врз демократските институции и мирниот трансфер на власта во САД.


