Претседателите на Кина и на Соединетите Американски Држави (САД), Си Џинпинг и Доналд Трамп на 14 мај во Пекинг се договорија за „конструктивни, стратешки стабилни односи“ меѓу двете земји во наредните три години – објави кинеската државна агенција Синхуа.
Се наведува дека на самитот разговарале и за Блискиот Исток, Украина, како и за прашањето за Тајван и за економските и трговските односи.
Си во говорот на свечениот банкет ги нарече американско-кинеските односи најзначајни во светот, истакнувајќи дека тие мора да останат функционални и дека не смеат да бидат нарушени, пренесе Синхуа.
„Нашите две земји треба да бидат партнери, а не ривали“, изјави Си.
Си претходно, го предупредил Трамп дека Тајван останува „најзначајното прашање во кинеско-американските односи“ и дека би можел да создаде „многу опасна ситуација“ доколку му се пристапи погрешно, пренесе СиЕнЕн.
Новинската агенција Ројтерс повикувајќи се на соопштение од кинеското Министерство за надворешни работи, објави дека според Си, таквите односи се засновани првенствено на соработка, но и на одмерена конкуренција за „нормална стабилност во која разликите можат да се контролираат и трајна стабилност во која може да се очекува мир“.
Аналитичарите оценија дека спомнувањето на „конструктивна стратешка стабилност“ покажува дека Кина следи постепени нивоа во односите што создаваат дипломатска рамка преку која може да управува со повеќеслојните односи со Соединетите Американски Држави.
Новата кинеска формулација потсетува на формулацијата „конструктивно стратешко партнерство“ од ерата на Клинтон, предложена во 1997 година, најпозитивна по крајот на Студената војна и сигнализира желба на Кина да ги постави односите на посигурна основа.
Пекинг во текот на 2000-тите и раните 2010-ти години ги претставуваше односите со Вашингтон како партнерски и засновани на соработка.
Но, зголемената конкуренција и ривалство откако Кина во 2010 година ја престигна Јапонија и стана втора најголема економија во светот, како и доаѓањето на Си на власт во 2012 година и нестабилноста предизвикана од Трамп од 2016 година наваму, доведоа до употреба на терминологија за управувана меѓузависност, стратешка конкуренција и избегнување конфликти – пишува Ројтерс.
Американскиот претседател, пак, Трамп изјави дека Си ветил оти Кина нема да обезбедува воена опрема за Иран и дека понудил помош за решавање на војната.
„Рече дека нема да им даде воена опрема. Тоа е голема изјава. Тоа го кажа денес“, изјави Трамп за телевизиската мрежа Фокс њуз, додавајќи дека Си го кажал тоа одлучно.
Трамп исто така изјави дека Си понудил помош во врска со завршувањето на војната во Иран.
„Претседателот Си би сакал да види (мировен) договор. И даде понуда. Рече: ‘Ако можам да бидам од помош, би сакал да помогнам’“, наведе Трамп.
Трамп пренесе и дека Си рекол оти би сакал да го види Ормутскиот теснец повторно отворен – објави Радио Слободна Европа.
„Се пошегува, рече: ‘Знаеш, тие го блокираа, па ти ги блокираше нив’“, наведе Трамп.
Тој додаде и дека кинескиот претседател изразил фрустрација поради извештаите дека Иран наплаќа за минување низ Ормутскиот теснец.
Трамп и Си разговарале и за економските врски на Кина со Иран, особено во однос на снабдувањето со нафтени енергетски ресурси.
Самитот на двајцата лидери продолжува денеска (15 мај) со дополнителни разговори, за кои се очекува да се фокусираат на вештачка интелигенција, контрола на извозот и геополитичките тензии поврзани со Русија и војната во Украина.


