Трамп во Кина – Џинпинг предупредил за односот на САД кон Тајван

Објавено:

Претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на посетата на Кина, за кинескиот колега Си Џинпинг рече дека е „голем лидер“, и додаде дека му претставува чест што е негов пријател. Задоволство од тоа како почнала посетата изразија и американските бизнисмени и милијардери кои отпатуваа со Трамп во Пекинг, јавија новинските агенции

„Ќе имаме фантастична иднина заедно“, рече Трамп на почетокот на лидерската средба во Пекинг. Тој додаде дека Си е „голем лидер“, истакнувајќи дека „понекогаш луѓето не сакаат кога го велам тоа, но јас сепак го кажувам бидејќи е вистина.“

Кинескиот претседател изјави дека е убеден оти заедничките интереси меѓу САД и Кина се поголеми од нивните разлики. Тој го отвори и прашањето дали двете земји можат да создадат „нов модел на односи меѓу големите сили“. Си Џинпинг се осврна и на таканаречената „Тукидидова стапица“ – термин што се користи за да се опише ризикот од опасно ривалство меѓу сила во подем и веќе воспоставена светска сила.

Џинпинг, како што пренесуваат светските новински агенции, го предупредил американскиот претседател Трамп дека прашањето за Тајван може да доведе до сериозен судир меѓу двете најголеми светски сили доколку не биде внимателно менаџирано. Кинескиот лидер предупреди на можен конфликт меѓу двете земји околу Тајван, додека Трамп се држеше до општи фрази и учтиви изјави, наведува агенцијата АП.

На разговорите присуствуваа и владини претставници задолжени за финансии, трговија, одбрана и надворешни работи од двете страни.

Повеќето водечки американски бизнисмени, кои допатуваа во посета на Пекинг заедно со претседателот на САД Доналд Трамп, ги оценија состаноците одржани на маргините на самитот САД-Кина како „многу добри“ и продуктивни. Меѓу извршните директори кои беа видени како ја напуштаат Големата сала на народот беа извршниот директор на компаниите „Tesla“ и „SpaceX“, Илон Маск, извршниот директор на „Apple“, Тим Кук, и директорот на „Nvidia“, Џенсен Хуанг.

На новинарско прашање како поминале состаноците, Маск одговори: „Прекрасно“, додавајќи дека се постигнати „многу добри работи“. Кук на новинарите им го покажа знакот за мир и подигна палец нагоре, додека Хуанг изјави дека „состаноците поминале добро“. Тој рече дека вратата на Кина само пошироко ќе се отвора за американските бизниси, додавајќи дека американските фирми ќе имаат пошироки перспективи во земјата, пренесе Би-Би-Си.

Кинеската новинска агенција Синхуа јави дека кинескиот претседател Џинпинг изјавил дека „американските компании биле длабоко вклучени во растот на Кина, што било од корист за двете страни, додавајќи дека Пекинг ги поздравува САД да ја зајакнат реципрочната соработка“.

Сепак, пишуваат агенциите, едно прашање ја одржува напнатоста: Џинпинг директно го предупредил Трамп дека Тајван е „најважното прашање“ во односите меѓу Кина и САД. Според кинеската државна агенција „Синхуа“, Си порачал дека правилното справување со ова прашање е клучно за стабилноста меѓу двете земји.

Според агендата, Си вечерва треба да организира државен банкет во чест на Трамп, чија посета на Кина е предвидено да трае до петок.