Ристоска: Груевски требаше да му ги врати парите на Бетон

Објавено:

Овој предмет ми беше одземен за да можат заинтересираните страни да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата, вели поранешната обвинителка Ленче Ристоска која седум ипол години го застапуваше предметот Талир 2, кој со последната одлука на Кривичниот суд заврши со ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и со тоа ослободување на замрзнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ кој според обвинението бил нелегално стекнат.

Тоа е судски предмет кој се однесува на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје познато како „Белата палата“. Во овој предмет Груевски беше обвинет за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата седиштето.

Ристоска се прашува како се случува да се добијат две различни пресуди, ако доказите за делата во целата постапка остануваат исти.

„Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донесе осудителна пресуда за умислено дело- што подразбира дека доказите за целта и намерата со која обвинетите делувале беа дел од предметот и водеа до осуда. Токму затоа тешко се одржува сегашната констатација дека немало докази за намерата: истиот доказен материјал веќе ја адресираше целта заради која обвинетите ги презеле дејствијата, односно намерата со која делувале и за неа стана збор уште во првичното обвинение“, вели таа во нејзината реакција за колегиум.мк.

Пред четири години, Кривичниот суд донесе поинаква пресуда од вчерашната. Тогаш му пресуди на Груевски шест години затворска казна и запленување на партиското седиште. Откако Апелација го врати предметот на повторно судење, по четири години и смена на обвинителката Ристоска, Кривичниот суд се предомисли.

Тогаш судската одлука ја донесе судијката Даниела Алексовска Стојановска која во изрекувањето на пресудата порача дека во конкретниот случај обвинетите како одговорни лица од највисок ранг во политичката партија се издигнале над законот.

„Теснопартиските и личните интереси биле водечки мотив за дејствијата кои во конретниот случај ги преземале првобвинетиот Никола Груевски како претседател и второобвинетиот Кирил Божиновски како генерален секретар на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ уривајќи ги на тој начин темелните вредности на една правна и демократска држава. Со самата судска разрешница на овој предмет Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилигиран и секој ќе одговара за последиците кои ги предизвикал со прекршување на законот“ изјави во судницата на 8 јуни 2022 година судијката Алексовска Стојановска.

Но, овој пат, истата судијка Даниела Алексовска, во објава на пресудата изјави дека за овој случај треба да се имаат предвид измените на Кривичниот законик (КЗ) од 2023, со кои настапи и измена на обвинението. Тоа значи дека поради намалување на рокот на делото со кој настанува застареност и промената на делото. Дополнително таа смета дека дека овој пат, Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност.

Во тој контекст, Ристоска вели дека факт е оти измените на Кривичниот законик имаа влијание врз предметот, но се занемарува клучна забелешка.

„Изменетото обвинение содржеше и дејствие на извршување коешто не постоеше во првичната верзија, обврската на Груевски, како претседател на партијата, да ги врати примените средства од Бетон во Буџетот и да ја надомести разликата од вредноста на објектот наспроти реалната вредност на земјиштето, токму поради несразмерот што судот веќе еднаш го утврди во претходната пресуда. Ова дејствие директно одговара на измените на Кривичниот законик, бидејќи се однесува на неизвршување обврска пропишана во Законот за финансирање на политичките партии, а овој облик не беше засегнат од декриминализацијата и одговорноста по членот 353 опстојува, особено ако се имаат предвид доказите дека имотот и користа завршила кај политичката партија ВМРО ДПМНЕ“, објаснува Ристоска.

Таа во својата реакција додава дека судот експлицитно наведува дека доказите останале исти како во првата постапка, дека својата анализа и оцена на тие докази ги задржал непроменети и дека останал „конзистентен во одлучувањето”. Но од истиот тој доказен материјал, со иста оцена, судот еднаш изведе осудителна пресуда, а сега ослободителна.

„Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода- објаснувањето дека сето тоа е последица само на измените на КЗ не ја отстранува оваа противречност, бидејќи измената на законскиот опис не менува што докажуваат доказите. Ова особено за делот од обвинението кој се однесува на законската обврска на Груевски по Законот за финансирање на политички партии, кој во образложението што судот јавно го објави воопшто не е спомнат“, вели Ристоска.

Предметот застарува за еден месец, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ е на чекор да го врати партиското седиште да не биде конфискувано од државата. Оваа можност се отвори откако во 2022 година Судот одлучи покрај популарната Бела палата во центарот на Скопје, да заплени уште 30 имоти на ВМРО-ДПМНЕ, за кои во првостепената постапка од судскиот процес се покажа дека се купени со парите добиени од кривично дело. Ристоска потсетува дека ако настанела застареност, таа можела поинаку да влијае врз шансата за конфискација.

Конфискацијата на имот е можна кога кривичното гонење ќе застари, но не е можна по правосилна ослободителна пресуда. Затоа ваквиот тек на настаните му ја отежнува можноста на обвинителството да бара конфискација во посебна постапка, при првостепена ослободителна пресуда, и клучно е прашањето дали ќе следи жалба од обвинителството и дали во фаза на жалбена постапка ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата, иако кривичното дело ќе биде застарено“, вели Ристоска.

Според неа, честите одлагања на рочишта, влијаеле во изминативе седум ипол години предметот да влезе во една временска рамка и да се доведе до ваков исход, за кој таа смета е главната причина поради која и беше одземен предметот.

„Ваквата контекстуална состојба, пресуда спротивна на првичната, дел од обвинението кој не е адресиран во јавното соопштение на судот, временскиот интервал во кој се носи одлуката и времето кога истекува рокот на застареност ме наведуваат на заклучок дека единствена цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот. Затоа и мислам дека осудата на Груевски во овој случај е од секундарен интерес за ВМРО-ДПМНЕ — кривичниот прогон така или онака ќе застареше. Она што е суштинско е дека имотот што го стекна партијата е директна последица на дејствијата на Груевски утврдени во постапката. Токму поради тоа, исходот на кривичниот дел и судбината на имотот не можат да се гледаат одвоено: со ослободителна пресуда отпаѓа и основата за конфискација во кривичната постапка. Наративот дека пресудата во едниот дел е праведна, а во другиот само последица на измените на КЗ, ги раздвојува двете работи што правно се неразделни“, додава таа.

Последниот нејзин коментар се однесува на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска посочи дека смета оти правдата е задоволена со последната одлука за Судот. Според власта обвинувањето за нелегално богатење на партијата е монтиран случај за политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ. Одговарајќи на новинарско прашање премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ во минатото била изложена на политички прогон од претходната власт преку, како што рече, „измислени случаи“ како „Талир 1“ и „Талир 2“.

„Мојот став е многу јасен. ВМРО-ДПМНЕ во тој период беше предмет на политички прогон и еден вид агресија од страна на претходната Влада. Измислија случаи кои не постојат, како што се „Талир 1“ и „Талир 2“. Судот донесе пресуда во делот што се однесува на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а таа пресуда е во согласност со правдата и со очекувањата на граѓаните“, изјави Мицкоски.

Додека за ослободителната пресуда за неговиот претходник како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, премиерот Мицкоски изјави дека таквата одлука е последица на измените на Кривичниот законик, донесени во време на Владата на СДСМ и ДУИ.

„Од она што можев да го прочитам од образложението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Како резултат на тие измени, имаше многу политички амнестии, а многу ќе следат и во иднина. Кога еднаш ќе направите грешка, таа потоа станува правило и ве следи. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека конечно правдата е задоволена“, истакна Мицкоски.

Груевски и владиниот генерален секретар Кирил Божиновски во предметот Талир се товареа дека како први луѓе на партијата, што во критичниот период (од 2011 до 2016) била на власт, ја искористиле позицијата на моќта за да обезбедат ново партиско седиште вредно седум милиони евра и дополнително нешто повеќе од два милиони евра од градежната фирма „Бетон“.

Суштината на обвинението беше во тврдењето дека компанијата „Бетон“, која добивала тендери и проекти од државата, на тогашната политичката партија на власт ВМРО-ДПМНЕ ѝ изградила ново луксузно партиско седиште и исплатила значителна сума пари. За возврат продолжила да добива тендери, кои кога не биле директно финансирани од државата, таа ги добивала како подизведувач.

По обвинението компанијата се соочи со сериозни финансиски проблеми и во 2023 година започна постапка за ликвидација.

Хронологија на судскиот предмет кој обвини политичка партија за незаконско богатење

Предметот „Талир“ е еден од најобемните случаи што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое беше формирано како последица на таканаречениот Пржински договор. Во текот на речиси една деценија претрпе значителни промени и тоа од истрага против 14 луѓе до раздвојување на предметот, спогодби, застарувања, издвојување на постапки и денешните пресуди.

Истрагата во 2017 година ја отвори обвинителката во тогашното Специјално јавно обвинителство под сомнение дека во периодот 2009–2015 година партијата незаконски собирала пари преку притисоци врз фирми и физички лица, а потоа тие пари биле легализирани преку уплати на голем број донатори. Една година подоцна обвинителите кои го водат предметот Ристоска и Љубе Лапе, го двојат обвинението на два засебни случаи. Првиот се вика само Талир, или Талир 1 и се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој предмет беа обвинети шест луѓе од партијата. Вториот предмет или Талир 2 се однесува на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ („Белата палата“)

Корените на случајот Талир 2 датираат од 2008 година. Според претходната пресудата ВМРО-ДПМНЕ која до 2008-мата година беше сместена во таканаречаната „жолта куќа “ имала сопственост на 200 метри квадратни, за веќе во 2009 година по прекројување на деталниот урбанистички план (ДУП) си докупила имот по 110 евра од метар квадратен со површина од околу 1.200 квадрати. Според обвинението продажбата се случила во 2009-тата година со потпис на Миле Јанакиески во име на Министерството за транспорт и врски кој ѝ го продал целото земјиште на ВМРО-ДПМНЕ по пат на непосредна спогодба. Од страната на партијата овој договор го потпишал Мартин Протоѓер во улога на тогашен генерален секретар.

Таканаречената „Бела палата“ е сместена во триаголникот меѓу сивите остроаголни згради на хотелот „Бест вестерн“ и на „Технометал-Вардар“.

Во наредните години со неколку промени на ДУП-от за Мал ринг, габаритот на објектот пораснал од почетните 700 квадрати на околу 1.200 или колку што е целата градежна парцела, скокнал од 25 на 29 метри со што се зголемил и бројот на катови од шест со приземје на осум со приземје и поткровје на кое подоцна му е доградена и тераса.

Според обвинението, компанијата Бетон се согласила да си плати за уривање на стариот објект (т.н. Жолтата куќа) да ги сноси сите трошоци од надзор, документација и да го изгради објектот и да го подари на ВМРО-ДПМНЕ.

Во периодот од 2019 до 2023 година, судскиот процес за „Талир“ се одвиваше бавно и беше обележан со бројни одложувања, но и со значајни процесни промени. По згаснувањето на Специјалното јавно обвинителство, предметот го презеде Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а дојде и до промена на обвинителите што го застапуваа случајот. Во меѓувреме, постапките против обвинетите кои беа недостапни за органите на прогонот, меѓу кои и Никола Груевски по неговото бегство во Унгарија, беа издвоени и се водеа одделно.

Истовремено, обвинението постепено се стеснуваше, па дел од првично осомничените повеќе не беа опфатени, некои постапки беа раздвоени, а за одредени дејствија настапи застарување. Предметот со текот на времето се сведе на помал број обвинети и главно се фокусираше на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ незаконски собирала пари и ги легализирала преку донации.

Во април годинава предметот го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од скопското Обвинителство, откако обвинителката Ленче Ристовска поднесе оставка по одлуката на шефот на Обвинителството да ѝ ги бидат одземени предметите „Талир 1“ и „Талир 2“.