„Една изборна единица е добро решение“, изјави македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Канал 5 Телевизија. Оваа изјава следува откако истече рокот наметнат од Реформската агенда за измени на Изборниот законик. Идејата да се воведе една изборна единица во земјава го ветува речиси секоја партија на избори, но, откако ќе ја добие власта се откажува од идејата. Дебата за ова прашање се одвиваше и во Собранието, но власта не се согласи како амандман да го додаде во измените на Изборниот законик.
„Иако е ретко решение, дали го има во две или три држави, сепак добро е да го има кај нас затоа што во разни изборни единици со различен број гласови се победува. Гласот треба да има иста тежина“, изјави Сиљановска-Давкова.
Главната причина поради која не се донесоа измените на Изборниот законик беше барањето на власта, да и се овозможи на следните избори електронски да гласа дијаспората. Опозицијата стравува дека електронското гласање може да се злоупотреби за „местење“ на изборните резултати.
По однос на тоа прашање, претседателката оцени дека актуелните законски решенија создаваат нееднаквост. Според неа, избирачкото право произлегува од државјанството и не треба да биде ограничено поради местото на живеење.
„Најголем број држави на светот ѝ дозволуваат на дијаспората да гласа. На прсти може да се избројат, можеби две, што не дозволуваат дијаспората да гласа, а има една или две држави во кои, по истек на 10 години, не може дијаспората веќе да гласа. Но она што е чудно кај нас е што на локални избори гласа дијаспората, тоа е непознат феномен,“ вели Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека голем број земји им овозможуваат на своите иселеници да гласаат преку електронски системи или по пошта, оценувајќи дека ваквите модели би можеле да бидат решение и за Македонија, имајќи ги предвид ограничувањата за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва. Во однос на забелешките од опозицијата дека електронското гласање може да биде можност за изборен грабеж, претседателката со став дека токму опозицијата е таа што овозможи електронски попис.
„Опозицијата овозможи регистрирање по електронски пат на попис, непознат феномен бидејќи на попис се регистрираат само оние што се најдолго 12 месеци надвор. Кај нас си се регистрираа електронски и тие влегоа во пописните резултати, што беше спротивно на правилата во Советот на Европа“ посочи Сиљановска-Давкова.
Таа смета дека е потребно да постигне консензус за Изборниот законик и за платеното политичко рекламирање. Осврнувајќи се и на техничката влада, Сиљановска-Давкова оцени дека досегашниот модел во Македонија не ја исполнил својата улога, бидејќи бил премногу партизиран.
„Јас сум за техничка влада каква што постои во Бугарија, каква што постои во Грција, во Италија. Нивната цел е да обезбедат фер и демократски избори, без никакво партиско влијание. Она што го имавме ние е нешто сосема друго“, рече Сиљановска- Давкова.
Досега во земјава во пресрет на парламетарните избори имаше три технички влади. Првата во 2016, предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 на чело со Оливер Спасовски од СДСМ, и трета во 2024 со технички премиер Талат Џафери од ДУИ. Техничката влада беше воведена поради недовербата во изборниот систем, а по избивањето на аферата со масовното прислушување и политичката криза во земјава.


