Биста на Махатма Ганди ќе се постави во Скопје

Објавено:

Биста на Махатма Ганди, борец за мир, лидер и духовен водач, кој се смета за татко на нацијата во Индија, ќе биде поставена во Скопје, како донација од Амбасадата на Индија, соопшти денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој информираше дека имал средба со делегација од Амбасадата на Република Индија, предводена од ополномоштениот амбасадор на Индија за Македонија, Арун Кумар Саху.

„Разговаравме за значењето на зачувувањето на оставнината на Мајка Тереза и Махатма Ганди, две исклучителни личности и универзални симболи на мирот, хуманоста, толеранцијата и човековото достоинство, Мајка Тереза, родена во Скопје во 1910 година и добитничка на Нобелова награда за мир, најголемиот дел од својот мисионерски живот го посвети на помагање на најранливите во Индија, додека Махатма Ганди, кој се смета за татко на нацијата, останува еден од најголемите поборници за мир и ненасилство во светската историја“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека амбасадорот Саху најавил донација на биста на Махатма Ганди за Градот Скопје, која ќе биде поставена на јавен простор како траен симбол на пријателството меѓу Македонија и Индија. Според Ѓорѓиевски, оваа иницијатива дополнително ќе ги зацврсти односите и ќе придонесе за промовирање на мирот, дијалогот и меѓусебното почитување.