Кој е Сергиј Корецки, новиот украински премиер?

Објавено:

Украинскиот Парламент, односно Врховната рада на Украина, го одобри предлогот на претседателот Володимир Зеленски за назначување на Сергиј Корецки за нов премиер. За неговото назначување гласаа 289 пратеници.

Со тоа Корецки стана четвртиот премиер за време на претседателскиот мандат на Зеленски, заменувајќи ја Јулија Свириденко, која на функцијата беше нешто помалку од една година, пренесоа украинските медиуми и светските новински агенции.

Кој е Корецки?

Новиот украински премиер има 48 години и е роден во Луцк. Тој е претприемач и менаџер со долгогодишно искуство во нафтената и гасната индустрија. Пред назначувањето на премиерската функција беше генерален директор на групацијата „Нафтогас“. Корецки во 2006 година се кандидира за пратеник во Врховната рада и за член на Волинскиот регионален совет како кандидат од листата на Народниот блок на Литвин.

Во 2007 година тој стана генерален директор на управувачката компанија на групацијата „Континуум“, функција што ја извршуваше до 2013 година. Во тој период холдингот обединуваше повеќе од 200 компании во Украина, меѓу кои и синџирот бензински пумпи „ВОГ“ (WOG), млечната компанија „Халичина“, Херсонската рафинерија за нафта, брендот сирења „Комо“, дистрибутивната компанија „Волинобленерго“ и други претпријатија.

Во 2013 година Корецки беше назначен за генерален директор на синџирот бензински пумпи „ВОГ“. Во 2019 година ја основа компанијата „Идеалист кафе“. Во ноември 2022 година беше назначен за раководител на државната нафтена компанија „Укрнафта“ и на нафтопреработувачката компанија „Укртатнафта“, откако тие преминаа под државна контрола. Под негово раководство „Укрнафта“ од компанија со загуби, која меѓу 2013 и 2022 година акумулира повеќе од 10 милијарди гривни загуба, се претвори во едно од најпрофитабилните претпријатија во Украина, со вкупна нето-добивка од 40 милијарди гривни во периодот 2023–2024 година.

Во мај 2025 година Корецки стана претседател на Управниот одбор на „Нафтогас Украина“, откако победи на конкурсот за таа функција. Групацијата „Нафтогас“ ја заврши 2025 година со приходи од 270,9 милијарди гривни, што претставува зголемување од 5,7 отсто во споредба со 2024 година.

Како што беше претходно објавено, на 14 јули Врховната рада ја одобри оставката на премиерката Јулија Свириденко. Со нејзината оставка автоматски беше разрешен и целиот состав на украинската Влада. Вчера пратеничката група на партијата „Слуга на народот“ одржа средба со Корецки за да разговара за неговата визија за работата на кабинетот и за структурата на идната Влада. Синоќа претседателот Зеленски официјално ја достави кандидатурата на Корецки до Врховната рада за одобрување.

Зеленски го фали новиот премиер, екс-министерот за одбрана одбил да биде претседателски советник

Украинскиот претседател го истакна богатото искуство на Корецки во енергетскиот сектор и оцени дека тој, токму поради тоа искуство, е во најдобра позиција да ја подготви земјата за претстојната зима во услови на војна. Гласањето за новиот премиер се одржа во период кога во повеќе украински градови, вклучително и во Киев, се одржуваат протести поради смената на досегашниот министер за одбрана, Михајло Федоров.

Денеска беше објавено и дека Федоров ја одбил понудата на Зеленски да стане негов советник, пренесе „Ројтерс“. Поранешниот министер за одбрана изјави пред новинарите дека има несогласувања со Олександр Сирски, главниот командат на украинските вооружени сили, кого го обвини дека блокирал иницијативи на Министерството за одбрана додека тој бил на чело на ресорот.